Културната манифестација Бела ноќ, која веќе прерасна во традиција, по 16-ти пат, денеска ќе се одржи во Скопје.
-Една недела порано од вообичаеното на 10 локации (паркингот пред СРЦ Борис Трајковски, МКЦ, Зеленото пазарче, Ибни Пајко плоштадот, Музејот на современа уметност, Домот на култура Кочо Рацин, Архитектонскиот факултет, Градската библиотека Браќа Миладиновци и Даут Пашиниот Амам), посетителите ќе можат да ги погледнат перформансите, концертите, изложбите и другите културно-уметнички активности, информираат од Град Скопје.
Бела ноќ, во организација на Универзалната сала, со поддршка на Град Скопје, на граѓаните со својот урбан концепт ќе им ја доближи уметноста, додавајќи и нова, културна димензија.
Годинава централниот настан „Скопските евергрини“ ќе се одржи на паркингот пред СРЦ Борис Трајковски, каде што најпознатите скопските хитови ќе бидат изведени од најголемите македонски музички ѕвезди, Влатко Стефановски, Тамара Тодевска, Јаков Дренковски, Дарио и други, во придружба на Баги Биг Бендот, под диригентската палка на Љупчо Мирковски.
Влезниците за „Скопските евергрини“ пред СРЦ Борис Трајковски и концертот на платото пред МКЦ, се бесплатни и истите можат да се подигнат на билетарите на МКЦ и на Универзална сала.
Со почитување на мерките и препораките на Министерството за здравство и Град Скопје за заштита од пандемијата од корона вирусот, настаните од Белата ноќ в сабота ќе започнат од 19:00 часот и ќе траат до 24:00 часот, работното време на локалите нема да биде продолжено после 24:00 часот, нешто што беше вообичаено за минатите Бели ноќи.
Граѓаните за локациите и програмата дополнително можат да се информираат и на официјалната веб-страница: https://www.belanok.com/programe.