Утринава во Кривичниот суд треба да биде соопштена пресудата за случајот „Тревник“ во кој обвинети се Драган Павловиќ Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан.
Обвинителката Елизабета Јосифовска во завршениот збор за случајот „Тревник“, побара обвинетите да бидат прогласени за виновни за бесправно градење, а воедно побара и викендиците, кои според неа биле нелегално градени, да им бидат одземени.
Таа се повика на доказите и сведоците кои беа изведени во текот на постапката, докажувајќи дека тројцата браќа речиси ги изградиле викендиците, а дури потоа добиле одобренија за градба.
-Прашањето за кое расправаме во овој предмет е кога обвинетите започнале со реализација на нивната желба за изградба на куќите во Зелениково. Од доказите на обвинението произлегува дека тоа се случило пред да бидат обезбедени законските претпоставки за почеток со градба, односно далеку пред да имаат добиено одобренија за градење на објектите, рече обвинителката Јосифовска.