Новогодишниот дочек веќе десетици години наназад е настан на кој што добар дел од регионалните пејачи остваруваат најголем профит, за само неколку часа пеење, најчесто на плоштадите во поголемите градови во поранешна Југославија. Нивното конто се зголемува за десетици илјади евра, пари обезбедени од општинските буџети, или пак во некои случаеви, од спонзори.
Годинава во Белград многубројните посетители имаа можност да уживаат во настапот на фолк ѕвездата Лепа Брена, на плоштад, која пеела за хонорар од 45.000 евра, пренесуваат српските медиуми. Во Белград исто така настапија и Кики и ,,Пилоти” за сума од 20.000 евра, а пак Маја Беровиќ за новогодишниот настап заработила дури 60.000 евра. Марија Шерифовиќ и Александра Пријовиќ влегле во Новата година побогати за 45.000 евра, хонорари кои ги добиле на настапи во познати хотели во Белград. Цеца Ражнатовиќ исто така настапи во хотел во Белград, за сума од 80.000 евра. Вечерва таа има концерт на плоштад во Будва. Аца Лукас пак, пееше на Златибор, за сума од 50.000 евра.
Годинава,според хонорарите на музичките ѕвезди кои што јавно се објавија во повеќето регионални медиуми, рекордот за најскапо платен концерт го држи босанската музичка ѕвезда Дино Мерлин, кој пееше на плоштадот во Скопје, пред околу 60.000 посетители од целата земја. Неговиот хонорар од 100.000 евра, како што изјави градоначалникот Петре Шилегов е платен од спонзори, но идентитетот на дарежливите компании кои го финансираа Мерлин, се уште не е објавен.
Вики Клинчарова