Виртуозот на гитара Влатко Стефановски (67), кој е еден од основачите на култниот бенд ,,Леб и сол” и на ,,Влатко Стефановски Трио”, во емисијата ,,Културно” која се емитуваше на Танјуг ТВ, зборуваше за музиката и нејзиното создавање денес. Истакна дека денешната музика е фабрикувана и сосема му било неинтересно да ги слуша новите продукции.
-Денес музиката се прави како што се прават колбаси! Се е тоа на лента. Во тие студија е толку неинтересно, таму каде се создава таа нова музика. Сето тоа го прават некои продуценти кои ќе испијат десет кафиња на ден, и кои не излегуваат од студиото. Но, пејачите ќе дојдат малку, ќе се помоткаат таму, нешто ќе отпеат, нешто нема да отпеат и ќе излезат.
Денешната музика е фабрикувана! Како што се фабрикува храна, така се фабрикува и музиката. Мене тоа ми е тотално неинтересно. Сосема ми е неинтересно да ги слушам новите продукции. Технологијата на снимање денес е многу евтина, можете во Ајфон да снимите цел албум- истакна Стефановски во емисијата.
Музичарот кој е на сцената со децении и ја афирмира македонската музика и култура во светот, лани беше одликуван од страна на претседателот Стево Пендаровски со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“.
Заедно со него беа одликувани и Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан за уникатно музичко творештво во рамките на џез-рок групата „Леб и сол“.
Изминативе години настапува со своето трио во кое членуваат неговиот син Јан и Иван Кукиќ, син на музичарите Ленче и Горан Кукиќ.
Вики Клинчарова