Европската перспектива на земјите од Западен Балкан, по конференцијата во Солун, а во пресрет на Европскиот совет во Загреб, била една од темите за кои разговараа министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас и министерот за европски и меѓународни прашања на Австрија Александер Шаленберг на нивната денешна средба во грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.
-Се согласивме дека иднината на Западен Балкан е во Европската унија. Нивната интеграција е најсилната гаранција за просперитет и стабилност во југоисточна Европа, и претставува стратешка инвестиција за обединета, стабилна и силна Европа. Секако, под услов, дека земјите кандидати целосно го прифаќаат постоечкиот статус и ги исполнуваат нивните обврски, рече шефот на грчката дипломатија.
Сепак, фокусот на разговорите на Дендиас и Шаленберг беше ставен на ситуацијата на грчко – турската граница.
Министерот за надворешни работи на Грција рече дека се „целосно неприфатливи обидите за инструментализација на човечката болка и човечката несреќа од страна на Турција“, истакна дека она што се случува на границата е асиметрична закана за Европа, „закана организирана и зајакната од турската страна, со специфични методи, како што се ширење лажни вести и поттикнување на мигрантите од турските власти да се движат кон грчките и европските граници“.
Министерот за европски и меѓународни прашања на Австрија изрази поддршка и солидарноста до Атина, истакна дека „Грција не ги штити само своите граници, туку и заедничките граници на Европската унија“.
Паралелно, објасни дека е потребна практична помош, велејќи дека тие ќе одвојат 1 милион евра за УНХЦР за бегалските кампови во Грција.
Во однос на договорот ЕУ- Турција, рече дека Европа направи сѐ што беше потребно и упати порака дека треба да се договореното треба да се исполни.