Дендиас доаѓа утре во Скопје, познато е за што ќе се разговара

by Fokus

Дополнително зајакнување на билатералните односи во сите области, европската перспектива на Северна Македонија, спроведувањето на Договорот од Преспа, случувањата на Балканот, во Источниот Медитеран, како и ситуацијата во Украина, според грчкото МНР, се очекува да бидат темите за кои министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас ќе разговара со неговите домаќини во Скопје, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија, утре ќе биде во еднодневна посета на Македонија, ќе се сретне со министерот за надворешни работи Бујар Османи, по што, во попладневните часови ќе следат и изјави за медиумите, ќе биде примен од премиерот Димитар Ковачевски, а ќе присуствува и на работна вечера организирана од Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

– За време на посетата на министерот за надворешни работи, се очекува разговорите да се фокусираат на целосното, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа, на дополнителното зајакнување на билатералните односи во сите области, вклучително и економијата, трговијата и енергетиката, како и на европската перспектива на Северна Македонија. Дополнително, во разговорите се очекува да бидат опфатени и случувањата на Западен Балкан и Источниот Медитеран, како и ситуацијата во Украина по руската инвазија, соопштија од грчкото МНР во пресрет на посетата.

Поврзани новости