Ден по пожарот Ламбе пееше на фестивал: Немаше изгореници, беше смирен како ништо да не се случило

by Фокус

Веста дека поп пејачот Ламбе Алабаковски (34) е уапсен бидејќи ја запалил вратата на бугарскиот клуб ,,Ванчо Михајлов” во Битола, ја изненади јавноста.

Музичарот кој со сопругата и децата седум години живееше во Америка, а неодамна се врати во родниот крај и најави продолжување на музичката кариера, секогаш бил познат како скромна личност, и човек кој не е склон кон конфликти или пак предизвикување на инциденти.

Пред два дена, во неделата, тој настапи на фестивалот за фолк музика Валандово фест, а негови колеги за ,,Фокус” со кои се дружел таму, велат дека ништо не наговестувало дека тој стои зад делото кое го сврте вниманието на регионот.

Како потсетување, вратата за бугарскиот клуб беше опожарена во саботата, во околу пет часот наутро, а внатре не била предизвикана штета. Тогаш од Обвинителството соопштија дека се издадени наредби за обезбедување на снимките од безбедносните камери од самиот објект, но и од околните објекти.

-Потпалувачот дошол со велосипед, а откако ја запалил вратата од објектот, и самиот бил зафатен од оганот, изјави Теодора Генчовска, министерката за надворешни работи на Бугарија во интервју за софиската телевизија бТВ, додавајќи дека сторителот се здобил со одредени повреди, и може да побара лекарска помош.

Сепак, како што откриваат за ,,Фокус” наши фолк пејачи, учесници на музичкиот фестивал каде и Алабаковски настапи еден ден по пожарот, тие воопшто не забележале дека тој имал било какви изгореници или пак повреди. Напротив, велат дека бил смирен како и секогаш, љубезен и расположен.

-Затекнати сме од веста. Се дружевме со Ламбе во неделата, што значи еден ден по настанот. Тој ниту имаше било какви изгореници кои можевме да ги забележиме, ниту пак покажа некаква вознемиреност. Смирен, љубезен, се поздрави со сите, си отпеа, убаво си комуницираше со сите на фестот. Ова кое денес го соопштија институциите, дека тој е сторителот, дури и не ни се верува, бидејќи Алабаковски се однесуваше сосема нормално- велат негови колеги.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја информираше јавноста дека сторителот на делото го признал истото, а се работело деноноќно тој да биде откриен.

-Уште еднаш покажавме дека единствената моќ што ја има секоја правна држава е моќта да го сузбие криминалот. И во овој сегмент нема „пардон“, нема заштитени лица – сите се еднакви пред лицето на законот, а секој којшто се огрешил – мора да одговара!- соопшти Спасовски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости