Владата на Словенија одлучи да го прогласи понеделник, 14 август, за ден на солидарноста. Граѓаните ќе добијат слободен ден за да помогнат во санирањето на штетите од поплавите.
Премиерот Роберт Голоб рече дека земјата сака да го заврши тешкиот период во духот на солидарноста и дека луѓето ќе добијат слободен ден за да помогнат на познаник, сосед, пријател и на сите погодени од големите поплави, пренесе СТА.
Трговско-индустриската комора на Словенија ја критикуваше одлуката на словенечката влада, бидејќи сметаат дека денот на солидарноста ќе создаде дополнителни трошоци за компаниите во другите делови на земјата и дека ќе биде подобро наместо слободен ден, владата да нареди дневниот трошок за труд да се донира за помош на ранливите.
Од Комората сметаат дека неработниот ден ќе ги погоди и компаниите погодени од поплавите кои успеаја да ги санираат штетите и планираат повторно да почнат со работа.
Поплавите што ја погодија Словенија на крајот на минатата недела се прогласени за најголема природна катастрофа од независноста на земјата. Две третини од земјата беа уништени, многумина ги загубија своите домови, а шест лица ги загубија животите.