Ден на дрвото, реална еколошка акција или партиско – политички памфлет на власта?

by Фокус

samoil malcevski malaПишува
Д-р Самоил МАЛЧЕСКИ

Република Македонија во периодот од 2008-2011 година двапати годишно живееше со акцијата Ден на дрвото – засадија својата иднина, за да во периодот од 2012-2015 година, после наводна консултација со експертите за шумарство акцијата се спроведува еднаш годишно и тоа по правило во почетокот на месец декември.

Несомнено, организираното пошумување е активност која е потребна на секое општество, вклучувајќи го и македонското, но таа не е ниту оригинална идеја на ,,реформаторската” врхушка и нивните експоненти, ниту пак е нова идеја.

Впрочем, ваквата констатација произлегува од непобитниот факт дека Јавното претпријатие, ,,Македонски шуми” постои децении наназад, за што доволно говорат и податоците на Државниот завод за статистика. Па, тогаш што е новото во времето во кое живееме?

Одговорот на ова прашање не може да се темели на лични инпресии и сипатии, па затоа за периодот 2008-2011 година ќе ги споредиме податоците кои во јавноста ги пласирале организаторите на акција, а кои во целиот период и тоа како беа поддржани од владеачката врхушка, и податоците кои ги пласирал Инспекторатот за шумарство.

РЕАЛНИ ПОКАЗАТЕЛИ ИЛИ СУРОВА ПОЛИТИЧКА ПРОПАГАНДА

Според оганизаторите на оваа одамна видена активност и дел од медиумите, кои истата ја прикажуваат како уникатна идеја која долгорочно се остварува, во споменатиот период од 2008-2014 година се остварени невидени резултати. Осум години наназад, мамутскиот успех на акцијата се потенцира на бројни прес-конференции и се поткрепува со податоци за бројот на засадените дрвја.

Притоа, како по правило медиумските активности поврзани со оваа акција започнуваат со соопштение на Министерството за труд и социјала во кое еден месец пред самата акција се определува денот на нејзиното реализирање, а тоа е некоја среда во месецот што следува и овој ден се прогласува за неработен.

Потоа следуваа засилени медиумски активности на организаторите и Jавното претпријатие ,,Македонски шуми”, за да рашомонијадата кулминира со грандиозно неколку часовно ,,еколошко” дефиле на најекспонираните членови на владеачката врхушка (министри, пратеници и други носители на јавни функции) и разноразни душегрижници за нашата еколошка иднина, кои едноставно на самиот ден не се симнуваат од телевизиските екрани.

Се разбира, дел од медиумите, кои најжестоко се вклучени во пропагандната машинерија на владеачката врхушка, продолжуваат уште неколку дена да ја слават грижата на владетелите за екологијата, што би значело и за здравјето на граѓаните. Но, тоа е нивен пристап и нивен срам (ако го имаат), па затоа истите нема повеќе да ги коментираме, туку накратко ќе се задржиме на податоците кои се пласираат во медиумите и на оние кои ги дава Државниот инспекторат за шумарство.Tabela 1

Според податоците кои во јавноста ги пласирале организаторите на акцијата, а со кои очигледно се согласува и владеачката врхушка, во периодот од 2008-2011 година, кога акцијата се спроведувала двапати годишно во текот на осумте денови се засадени неверојатни 43735000 дрвја, бројка која сама по себе е неверојатна. Меѓутоа, за истата оваа активност податоците кои на јавноста и ги презентирал Државниот инспекторат за шумарство (ДИШ) се драстично помали.

Така, според ДИШ во разгледуваниот период во сите осум акции се засадени вкупно 26445000 дрвја, што е за 17290000 дрвја помалку од она што на јавноста и е пласирано како невиден успех. Тоа значи, дека на граѓаните им е соопштено дека во текот на осумте дена се засадени дури 65,38% повеќе дрвја од она што како податок го има ДИШ, што само по себе е манипулација од невидени размери. Така, за 2008 година манипулацијата изразена во проценти е 51,61%, во 2009 година таа е 66,67%, во 2010 година е 50,34% и во 2011 година истата изнесува неверојатни 117,5%. Каква дрскост? Каква неодговорност и тоа токму од страна оние кои треба општествено да бидат најодговорни.

Во нормални околности малкумина би поверувале на овие бескрупулозни лаги, но имајќи предвид дека лагите се стотици, ако не и илјадници пати повторени од страна на разноразните мегафони на ,,реформаторската” врхушка, како и од страна на нејзините припадници, не би се изненадил ако некое истражување покаже дека огромно мнозинство на граѓаните живеат во убедување за невидениот успех на ,,реформаторите” и нивните медиокритети.

Но, дали само ова е своевидна манипулација со оваа акција. Се чини дека не! Имено, од едно од бројните соопштенија на ДИШ може да се види дека во периодот од 2008-2011 година вкупно се пошумени 12200 хектари на кои се засадени 30400000 садници. Ама ајде! Па, според истиот тој инспекторат, собрано по години во разгледуваниот период се засадени 26445000 дрвја, а господата од оваа институција тврдат дека се засадени 30400000 дрвја, што е за 13,01% повеќе од оствареното.

Оттука е нејасно, дали креаторите на ваквите информации едноставно не знаат да соберат неколку повеќецифрени броеви или пак и тие, впрочем како и многу други, се вклучени во величењето на успесите на ,,реформаторите”. Се разбира, во случајов податоците се помалку зголемени, но поентата не е во тоа што се помалку зголемени, туку во фактот дека некој манипулира со податоците. Поентата е во тоа што лага си е лага, без разлика дали станува збор за мало или големо зголемување на ,,успесите” на ,,реформаторите”.

Друг спорен момент во податоците со кои се бомбардира македонската јавност е бројот на засадените дрвја во периодите 2008-2011 и 2012-2014 година, кога според податоците на ДИШ се засадени 26445000 и 13400000 дрвја, соодветно.

Навидум ништо чудно. Но, тоа е само навидум.

Имено, ако се земе предвид дека според Државниот завод за статистика (ДЗС) во овие два периоди вкупно се пошумени 11889 ha и 3943 ha, соодветно, произлегува дека во првиот период на 1 ha просечно се засадувани приближно по 2220 дрвја, а во вториот период на 1 ha просечно се засадувани приближно по 3400 дрвја. Човек не треба да биде експерт за шумарство, па да заклучи дека последното во најмала рака не е можно, што укажува на груба манипулација со бројките се со цел да се прикажат резултати кои никогаш не се оствариле, се разбира во функција на величање на владеачката врхушка.

ПОРАЗИТЕЛНИ РЕЗУЛТАТИ АМА ИМА КАМПАЊА ЗА УСПЕШНОСТ

Претходните разгледувања се темелеа на соопштенијата кои ги давале организаторите на акцијата Ден на дрвото и нивните патрони, како и на соопштенијата на ДИШ. Како што веќе видовме овие податоци обилуваат со противречности и слободно може да се каже дека нивното пласирање во јавноста има за цел величење на успесите на ,,реформаторката” врхушка.

Но, ајде да ги погледнеме податоците кои за шумарството ги публикува Државниот завод за статистика и кои би требало да се најточни и релевани, бидејќи според методологијата на прибирање истите се добиени од подружниците на Јавното претпријатие ,,Македонски шуми” и од националните паркови. Во првата колона од табела 2 се дадени податоците за шумските површини за периодот од 1997-2014 година, а во втората и третата колона се дадени податоците за пошумувањето и пополнувањето во разгледуваниот период.

Во публикуваните податоци може да се забележат бројни нелогичности, од кои за периодот од 1997-2005 година најголема нелогичност е зголемувањето на површините под шуми во 2001 година во споредба со 2000 година за неверојатни 39824 ha, т.е. за 4,64%. Дали станува збор за грешка или пак некој намерно си поиграл со бројките не е важно, меѓутоа останува нејасно како е можно површините под шуми да се зголемат за 39824 ha, кога во истата таа 2001 година се пошумени само 1897 ha, односно 37927 ha помалку од прикажаното зголемување на површините.

Слични нелогичности можат да се забележат и за 2000 година каде во споредба со 1999 година имаме зголемување на површините под шуми за 6956 ha иако нови пошумувања имаме само на 2370 ha, како и за 2005 во споредба со 2004 година, каде зголемувањето е дури за 7635 ha, иако нови пошумувања имаме на 2063 ha. Ваквата неусогласеност на податоците е присутна и во следниот период, меѓутоа загрижувачки е трендот кој се јавува од 2008 до 2014 година, период во кој површините под шуми се зголемиле за неверојатни 41369 ha.

Притоа, од 2008 до 2011 година овие површини забележале пораст од фрапантни 39842 ha, иако според податоците кои ги соопштил ДИШ во овие четири години се пошумени само 12200 ha, податок кој сам по себе е спорен, бидејќи според податоците на ДЗС пошумени се 11889 ha или 2,55% помалку. Евентуалното објаснување дека ваквите разлики во податоците се резултат од промената на методологијата, која промена во 2010 година е направена заради усогласување со нормативите на ЕУ не држи бидејќи истата се однесува на распределбата на површините на шумите по видови дрвја, а не на вкупните шумски површини.

Исто така, драстичните разлики не може да се оправдаат со промената на методологијата, бидејќи истите се јавуваат во 2010 споредено со 2009 година и во 2011 споредено со 2010 година, т.е. две години последователно, што никако не може да биде резултат на промената на методологијата.Tabela 2Но, малку подетално да ги погледнеме податоците од табела 2. Лесно се пресметува дека во периодот од 1997-2005 просечно годишно се пошумувале по 2364 ha, при што на годишно ниво се вршело и пополнување просечно на 306 ha. Меѓутоа, во периодот од 2006-2014 година, и покрај самофалењето на ,,реформаторската” врхушка, помпезно одржуваните акции за пошумување и парадирањето на врхушката пред телевизиските камери, неспорен факт е дека годишниот просек на пошумени површини е 2194 ha, при што пополнување се вршело просечно на 123 ha.

Како што може да се види, во периодот од 1997-2005 година кога немаме реформи и самофалење годишно просечно повеќе се пошумувале по 170 ha и просечно повеќе се популнувале по 183 ha, отколку во периодот од 2006-2014 година. Ако е тоа така, а според презентираните податоци е јасно дека е така, тогаш логично е да се запрашаме што работело Јавното претпријатие ,,Македонски шуми” во споменатите девет години.

Имено, ако само во споменатите еднодневни акции (една или две годишно) се засадувало поголема површина од онаа што на годишно ниво ја презентира ДЗС, тогаш навистина човек треба да се запраша што работеле оние просечно 2380 вработени во ова јавно претпријатие. Се разбира, на последното прашање валиден одговор треба да дадат ,,реформаторите”, кои исто така на јавноста треба да и објаснат зошто просечната годишна сеча од 911000 m3 во периодот од 1997-2005 година се намалила на 828000 m3 во периодот 2006-2014 година, т.е. зошто истата опаднала за забележителни 10%.

Јасно, ова непосредно мора да влијаело и на финансиските резултати на Јавното претпријатие, нешто на што укажува и фактот дека во периодот од 1997-2005 година просечниот годишен извоз на овој стопански сектор изнесувал 178457000 денари, а додека во периодот од 2006-2014 година истиот опаднал на 74711000 денари. Последното значи дека просечниот годишен извоз во периодот од 1997-2005 година бил скоро 2,4 пати поголем од истиот во периодот 2006-2014 година. Оттука, барем за мене е потполно нејасно врз основа на кои економски параметри ,,реформаторската” врхушка ја темели својата континуирана кампања за успешното менаџирање со овој стопански сектор, дело од која кампања е и акцијата Ден на дрвото.

РАСПРЕДЕЛБАТА НА ПОВРШИНИТЕ НА ШУМИТЕ ПО ВИДОВИ ДРВЈА, ДОПОЛНИТЕЛЕН ДОКАЗ ЗА МАНИПУЛИРАЊЕ СО ПОДАТОЦИТЕ ИЛИ ДОКАЗ ЗА НЕСТРУЧНОСТ ВО ДЗС

Во 2010 година, заради усогласување со Европската Унија (ЕУ), променета е методологијата за прибирање на податоците за распределба на површините на шумите по видови дрвја. Оттука, овие податоци може да се споредуваат само внатре во периодот од 1997-2009 година и од 2010-2014 година. Во дадениот случај не ни е целта истите да ги споредуваме во разгледуваните периоди, меѓутоа накратко ќе се задржиме на нив при што ќе ги компарираме со податоците за пошумување (табела 2).tabela 3Според податоците дадени во табела 3, во следната табела 4 се дадени податоците за зголемувањето на површините со листопадни, иглолисни и мешани шуми, како и податоците за извршеното годишно пошумување во разгледуваниот период, кое единствено можело да биде причина за зголемување површините под  даден вид шума (полињата со – укажуваат на намалување на површините под даден вид шума).

Имено, во случаите кога имаме намалување на површините од даден вид, истото може да биде резултат како на сеча, така и на пожари и напад на штетници, но кога површините од некој вид се зголемуваат тоа е можно само со засадување на нови садници.tabela 4

На податоците од табела 4 не им потребен дополнителен коментар, меѓутоа сепак ќе споменеме дека останува нејасно како е можно податоците за вкупните позитивни промени кај листопадните, иглолисните и мешаните шуми во определена година да се неколкукратно поголеми од извршеното пошумување за разгледуваната година.

Бидејќи ова физички не е можно, остануваат седно едно логично објаснување, а тоа е дека некој/и во Јавното претпријатие ,,Македонски шуми”, т.е. во неговите подрачни единици и во националните паркови свесно манипулирале со податоците, кои пак податоци лицата вработени во ДЗС, а се задолжени за обработка и контрола на овие податоци некритички или несовесно ги обработувале.

Последното укажува на сериозен непрофесионален однос на вработените во јавното претпријатие и ДЗС, што секако е сериозен проблем. Меѓутоа, уште посериозен проблем е ако и едните и другите, по нечиј налог децении наназад, манипулирале, т.е. ги прилагодувале податоците според желбите и потребите на политичарите, за што веќе говорев на почетокот.

*          *          *

Изминатиов период во повеќе наврати пишував за состојбите во земјоделското производство. Само колку за потсетување, во сите анализирани сегменти на земјоделското производство, слично како и во случајов со шумарството, се бележи надолна линија. Меѓутоа, ,,реформаторската” врхушка преку своите добро платени медиумски и други мегафони на граѓаните долги години им презентира дека Македонија реди до сега незапаметени успеси.

Сето ова како да е во спротивност на онаа народната: ,,Со лага, не бидува ага.”, но мислам дека не и противречи, туку само ја надоградува. Имено, нашето секојдневие недвосмислено покажува дека поговорката е сосема точна, но и дека со ,,Голема лага и тоа како бидува голем ага”, што може да се види и од општествените збиднувања изминативе десет години.

Конечно, не можам, а да не се запрашам, ако една ваква елементарна анализа на шумарството толку сликовито ги открива манипулациите на ,,реформаторите” и нивните горди послушници, што ли се ќе произлезе доколку детално се анализираат севкупните економски текови изминативе десет години.

Ова посебно се однесува на финансиските движења, за што се разбира е потребно транспарентно објавување на податоците, а не лифереување на штури соопштенија со политичка заднина, во кои не се содржат потребните информации за квалитетна анализа.

За крај, господо ,,реформатори” ова се факти и аргументи, поткрепени токму со информациите кои вие или вашите соработници ги лиферувате. Нашиот народ рекол, пред фактите и боговите молчат, а ѓаволот ја симнува капата. Но, дали тоа важи и за вас, времето ќе покаже.

Поврзани новости