Ден Дончев си поднесе оставка од директор на Фондот за здравство

by Fokus

Ден Дончев си поднесе оставка од директорското место во Фондот за здравство, дознава „Фокус“.

Тој како причина навел здравствени и семејни проблеми.

Дончев седна на директорската фотеља во ФЗОМ во 2017 година, како дел од владината коалиција ВМРО за Македонија, каде беше и носител на листата во првата изборна единица.

Тој пред три години во интервју за „Фокус“ тврдеше дека фирмата на кумот на Никола Груевски увезувала фалсификувани лекови од Турција.

„Турската полиција уште пред две години предупредила за подземни капацитети во Турција што произведуваат лекови за македонскиот пазар. Овие лекови, произведени од сомнителен извор, а спакувани во амбалажи од оригинаторите, доаѓаат во Македонија преку т.н. паралелен увоз. Уште пострашно, доаѓаат без каков било сертификат за квалитет затоа што законската одредба е укината во 2013 година. Овие шокантни наводи за паралелниот увоз на лекови ги изнесува директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, во ексклузивното интервју за „Фокус“.

Тој делумно откри и кој најмногу ќарил од воведувањето на паралелниот увоз: „Три фирми што контролираат над 50 отсто од пазарот на паралелен увоз и се директно во кумска и роднинска релација со претходниот премиер Никола Груевски“.

Дончев позади себе има долга политичка кариера. Тој беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, кога со партијата раководеше Груевски, а во мандатот на Љубчо Георгиевски беше директор на Македонски телеком.

Се потрудивме да стапиме во контакт со директорот, но тој не одговори ниту на нашите телефонски повици, а ниту на смс пораките.

И.М.

Поврзани новости