Ден Дончев примил австралиски долари за консултантски услуги преку компанија од Муртино!

by Фокус

Текстот е објавен во најновиот број на неделникот Фокус (1284), излезен од печат на 14 март 2020 година

По барање на Обвинителството за организиран криминал, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил над 3 милиони денари по основ на плати од компанијата со основна дејност за интернетпорталите „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“, ексклузивно дознава „Фокус“. Тој објаснува дека исплатените средства од македонската „Ремаркет“ се поради консултантски услуги што ѝ ги давал на австралиската „Мегантик“, истакнувајќи дека тие се уредно пријавени во Управата за јавни приходи. Меѓутоа, од Антикорупциската комисија велат дека ќе отворат постапка за случајот, бидејќи јавен функционер не смее да остварува приходи врз основа на консултантски услуги.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

По тригодишно директорување со Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, пред неколку дена поднесе оставка од функцијата поради, како што образложи, семејни и здравствени причини. По експресен пат, оваа оставка беше констатирана од страна на владата, од каде што посочија дека Дончев ја донел одлуката пред извесен период, меѓутоа бил замолен од Зоран Заев да издржи до изборите.  Сепак, на крајот тој поднесе оставка без да ги дочека одложените изборите поради корона вирусот, што кај опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ предизвика сомнеж дека зад ваквото брзање се кријат други мотиви, очигледно алудирајќи на случајот познат во јавноста како „Диамед“.

По политичките промени пред нецели 3 години, новите државни и здравствени власти почнаа да ја преиспитуваат постапката за доделување 20-годишна концесија на „Диамед“ за давање услуги на дијализно болни пациенти во Источна Македонија.  Во тој процес се вклучи и Обвинителството за организиран криминал, кое кон крајот на 2018 година отвори истражна постапка, во чии рамки издејствува замрзнување на две сметки во Монако на сопственичката „Диамед“, Вера Иванова, во вкупен износ од 11 милиони евра. Всушност, овие средства произлегуваат од продажбата на „Диамед“ на шведската компанија „Диаверум“.

Една година подоцна, односно во втората половина на 2019 година, Иванова поднесе кривична пријава против Дончев и министерот за здравство Венко Филипче. Според нејзиниот исказ што се содржи во пријавата до обвинителството, тие ја опструирале продажбата на компанијата, на тој начин што ја предупредувале шведската компанија дека ќе се испитува доделувањето на концесијата на „Диамед“, иако таква постапка дотогаш се уште не била отпочната. Исто така, таа во кривичната пријава подоцна го опфати и веќе осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески – Кичеец, кој, според нејзините тврдења, во името на екс директорот на Фондот за здравство барал сопственички удел во нејзината фирма, или пак, половина од средствата од продажбата.

Впрочем, Иванова првично ги пријавува Дончев и Филипче за „Злоупотреба на службена положба“, додека во проширувањето на пријавата се товарат Дончев и Милевски за кривичното дело „Уцена“.  Но, како што дознава Фокус од добро упатени извори, кои имале увид врз официјална документација од надлежните институции, во рамки на предистражната постапка покрената кон крајот на минатата година обвинителството презело мерки и дејства за проверка на Дончев поради сомнение и за „Перење на пари и други приноси“.  За таа цел, обвинителството се обратило и до Управата за финансиско разузнавање, која утврдила дека тој, додека ја извршувал директорската функција, примил над 3 милиони денари по основ на плата од приватна компанија во земјава!

НАДЛЕЖНИТЕ НЕ НАШЛЕ ПОКРИТИЕ НА УПЛАТЕНИ СРЕДСТВА

Според потврдени сознанија, Управата за финансиско разузнавање на чело со директорот Блажо Трендафилов го известува надлежниот јавен обвинител Наум Пановски, кој патем речено и е заменик на Вилма Русковска, дека Дончев лани, во период од 6 месеци, примил 3.120.006 денари или околу 50 илјади евра од приватната компанија „Ремаркет“.  Притоа, УФП утврдила дека сите приливи кон оваа компанија доаѓаат од австралиската фирма „Мегантик“, додека најголем дел од одливите кон физички лица биле трансакции кон Дончев. Воедно, Управата го информирала обвинителството дека Дончев на две свои сметки уплатил 8.000 евра и 740.000 денари во готово, кои потоа биле трошени со картичка.

Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по доставената кривична пријава за која покажувате интерес е оформен предмет по кој активно се постапува. Надлежен јавен обвинител кој постапува во предметот изминатиот период има издадено низа наредби, а воедно во насока на расветлување на наводите изнесени во пријавата се сослушани и лица. Истражната постапка во врска со доделувањето на концесијата за дијализа е во тек“, кусо ни изјавија од Обвинителството, додавајќи дека не можат да споделат повеќе детали во интерес на, како што велат, непречено водење на истрага.

Од Управата за финансиско разузнавање, пак, ни посочија дека го имаат предвид јавниот интерес и го ценат истражувачкото новинарство, меѓутоа не можат да споделат никаква податоци. Како што потенцираат од Управата, меѓуинституционалната соработка помеѓу органите се карактеризира со одреден степен на доверливост. Освен тоа, објаснуваат од таму, сите дејствија преземени во предистражната и во истражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата, според Законот за кривична постапка, се сметаат за тајни.

Го осудувавме секое незаконско, непрофесионално и неетичко однесување од страна на поединци или пак институции со кое се поткопува довербата во институциите која е од особена важна кога станува збор за борба со криминалот и корупцијата. Воедно, Ве уверуваме и Вас и пошироката јавност дека по се она што било или претставувало предмет на работа на Управата е соодветно постапено согласно Законот и согласно своите надлежности од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам“, се наведува во одговорот што ни го доставија од УФП.

ФИРМА ЗА „ИНТЕРНЕТ-ПОРТАЛИ“ РЕГРУТИРА РАБОТНА СИЛА

Проверките што ги извршивме во Централниот регистар покажуваат дека компанијата „Ремаркет“ е основана во 2012 година со седиште во струмичко Муртино, од каде што, колку за информација, потекнува и Дончев. По формирањето, сопственици на компанијата, биле Ванчо Поцков и Жанко Ристов, а Ристов бил и управител на друштвото.  Меѓутоа, во 2017 година нов управител станува Александар Дацев, додека минатата 2019 година нов и единствен сопственик станува Ристо Ристов. Во рамки на друштвото, чија основна дејност се „интернет-портали“, функционира и подружница лоцирана во струмичкиот трговски центар „Глобал“, чиј управител, исто така, е Дацев.

Се до лани, називот на компанијата гласел „Мегантик“, исто како и австралискиот правен субјект, од каде биле реализирани сите приливи на средства кон македонската фирма. Според бизнис-регистарот на Австралија, постои фирма со оригинален назив „Megantic PTY LTD“, основана во април 2012 година, со седиште во Јужен Мелбурн, главен град на сојузната држава Викторија.  Од интернет-страната на компанијата, како и од нејзиниот Линкедин-профил, може да се заклучи дека луѓе од сопственичката и управувачката структура на „Ремаркет“ се дел и од австралиската „Мегантик“, додека двата субјекта, заедно се една испостава во Манчестер, Англија, се дел од една иста бизнис-мрежа.

Во одговорите што ни ги доставија, од компанијата велат дека овие субјекти функционираат на тој начин што австралиската компанија овозможува услуги исклучиво на пазарот во Австралија во доменот на таканаречен Search Engine Optimization (SEO), а притоа македонската компанија се занимава со ангажирање на работна сила за тамошниот пазар.  Во однос на трансакциите од австралиската кон македонската компанија, од таму посочуваат дека тие се префрлуваат за кирија, плати и други оперативни трошоци. Финансиските извештаи што ги извадивме, пак, покажуваат дека фирмата од година во година постојано ги зголемува приходите, но и бројот на вработени.

Поточно, македонската компанија „Мегантик“, неодамна преименувана во „Ремаркет“, во 2013 година, или првата заокружена година после формирањето, остварила приходи од 3,5 милиони денари и минимална добивка од само 400 илјади денари.  За споредба, компанијата заклучно со ланската 2019 година остварила приходи од 25,5 милиони денари, додека добивката изнесувала околу милион денари. Па, ако на почетокот компанијата имала неколку вработени, нивниот број се повеќе се зголемувал, за сега да надминува 50 лица.

ФУНКЦИОНЕР НЕ СМЕЕ ДА ЗАРАБОТУВА ОД КОНСУЛТАНТСКИ УСЛУГИ

Патем, и од компанијата и Дончев потврдуваат дека на оваа релација биле реализирани трансакции во вредност од 3 милиони денари по основ на плати. Како што велат од „Мегантик“/„Ремаркет“, Дончев давал консултантски услуги во периодот од 2013 до 2018 година за австралиската компанија, меѓутоа за испорачаните услуги во 2018 година одлучиле да му исплатат околу 50 илјади евра преку македонската компанија, од проста причина што тој во тоа време бил во Македонија. Иако во тоа време веќе вршел јавна функција, сепак, Дончев смета дека средствата што ги добил за консултантски услуги се целосно законски, посочувајќи дека уредно ги пријавил во Управата за јавни приходи и за нив платил соодветен данок.

Арно ама, тој како јавен функционер не смеел да врши консултантски услуги и да остварува приходи по овој основ. Според Член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности. Згора на тоа, ставот 6 од овој член предвидува дека „Службено лице може да остварува приходи од научни, наставни, културни, уметнички и спортски активности и приходи од авторски, патентни и слични права, интелектуална и индустриска сопственост…, но никаде не се споменати консултантските услуги.

Врз основа на податоците со кои располагаме и кои ги споделивме, Антикорупциската комисија најавува дека ќе отвори постапка. Доколку нивните проверки ги потврдат информациите, кои веќе ги потврдија засегнатите страни, антикорупционерите ќе отворат предмет за веродостојноста на анкетниот лист, со оглед дека тие не се пријавени во имотното досие, и покрај тоа што претставуваат приход надвор од основната плата.  Откако ќе заврши оваа постапка со евентуална прекршочна санкција, тогаш од таму не исклучуваат и поведување на постапка за испитување на имотна состојба, во која вообичаено се вклучува и Управата за финансиска полиција.

Додека антикорупционерите веќе најавуваат соодветна постапка за вршење на забранета дејност и непријавување на приходи, од обвинителството се уште не повикале ниту едно од споменатите лица да дадат исказ во однос на трансакциите нотирани од финансиското разузнавање. Дончев тврди дека не знаел за ваквите проверки, без оглед што досега бил двапати повикан да даде исказ во обвинителството во врска со обвинувањата од поранешната сопственичка на Диамед. Стапивме во контакт и со надлежниот обвинител Пановски, меѓутоа тој одби да даде било каков коментар.


Ден ДОНЧЕВ, екс директор на Фондот за здравство
ВООПШТО НЕМАМ СТРАВ, НЕ Е ПРВ ПАТ ДА СЕ ВОДИ ИСТРАГА ПРОТИВ МЕНЕ

Воопшто немам страв или недоумица од ваква или која било друга истрага, вели довчерашниот директор на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев.

Во претходните 20 години, не е прв пат да се води истрага од државните органи против мене. Притоа, без разлика кој бил на власт и кој ја водел таа истрага, било констатирано дека се сум работел според законот – изјави Дончев.

Тој додава дека нема никаква поврзаност помеѓу истрагата околу „Диамед“ и приходите што ги остварил од компанијата „Мегантик“ врз основа на консултантски услуги.

Категорично отфрлувам било каква категоризација дека со овие примања станува збор за перење на пари – вели Дончев.

Поранешниот пратеник и директор на „Телеком“, кој во минатото беше и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Обединети за Македонија, вели дека досега не бил информиран дека се води ваква истрага за ова прашање.


Од „Мегантик“ му се заблагодаруваат на Дончев за помошта
САМО ВО 2018 МУ ИСПЛАТИВМЕ СРЕДСТВА ОД МАКЕДОНСКА ФИРМА, И ТОА ПЛАТА, НЕ ВО ГОТОВО!

Megantic PTY LTD го ангажираше Ден Дончев за услуги од типот на анализа на маркет-потенцијал, операционална процедура и подобрување на бизнис-процеси и интегрирани сметководствени системи во периодот од 2013 до крајот на 2018 година, велат од австралиската компанија.

2018 година беше единствената година кога сервисите на г-дин Дончев беа исплатени преку „Ремаркет“, во тип на плата, не во готово, наместо Megantic PTY LTD, бидејќи беше релоциран во Македонија. Ние сме му благодарни дека ни помогна со компаниските операции и во текот на 2018 година, иако беше ангажиран и со други работни обврски“, велат од компанијата.

Од таму појаснуваат дека македонската фирма нема активности, туку служи за ангажирање на работна сила – Специјалисти/Консултанти и Веб Девелоперс за потребите на австралиската компанија.

Компаниската основна дејност беше ставена како интернет-портали, бидејќи беше најблиското нешто до „SEO“, за кое немаше отворено ставка при отварањето на фирмата“, велат од компанијата.

Од таму истакнуваат дека средствата што се праќаат во „Ремаркет“ се користат главно за операциони трошоци во Македонија, како плата, кирија итн.

Поврзани новости