Откако Министерството за одбрана на Азербејџан денеска соопшти дека е постигнат договор за прекин на огнот во Нагорно-Карабах, а воените сили на одбраната го предале оружјето, народот на Ерменија излезе на улиците и побара оставка од премиерот Никол Пашинјан пред на зградата на Владата на Ерменија во Ереван.
Демонстрантите ја блокираа авенијата Тигран Меца до зградата на ерменската влада во центарот на Ереван и извикуваа антивладини пароли, а дојде до судир со полицијата која почна да ги апси со употреба на сила.
Граѓаните на Ерменија го обвинуваат Пашинјан и неговата политика за неуспешниот исход на ситуацијата, како и за предавањето на Нагорно Карабах на Азербејџан, пренесува ТАСС.
Како што јавија денеска локалните медиуми, претставници на непризнаената Република Нагорно Карабах утре во градот Јевлах ќе разговараат со претставници на Азербејџан. Понатаму се наведува дека Азербејџан сака да разговара за реинтеграцијата и безбедноста на Ерменците од Нагорно Карабах, како и за обезбедување на нивните права во рамките на азербејџанскиот устав, како што е договорено.
Eрменскиот премиер Никол Пашинјан изјави дека неговата земја не учествувала во подготовката на текстот на договорот за прекин на огнот во Нагорно-Карабах.
Минатата година Ереван и Баку со посредство на Русија, САД и ЕУ започнаа преговори за идниот мировен договор. На крајот на мај оваа година, премиерот на Ерменија Никола Пашинјан изјави дека Ереван е подготвен да го признае суверенитетот на Азербејџан во советските граници, односно заедно со Карабах.
Рускиот претседател Владимир Путин во септември посочи дека ерменското раководство практично го признава суверенитетот на Азербејџан над Карабах. Азербејџанскиот лидер Илхам Алиев изјави дека Азербејџан и Ерменија можат да потпишат мировен договор до крајот на годината доколку Ереван не го промени ставот, пренесува Спутник.
Фото: Танјуг/АП