Покрај активисти на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, голем број на охриѓани се приклучуваат на протестот во Охрид против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ кој се наоѓа на 20 метри од куќата во која што во 1941 година воениот суд на бугарскиот фашистички окупатор осуди група партизани на чело со Лазар Колишевски на смрт со бесење поради организирање оружено востание против окупаторот.
„Срамота за Македонија и за сите кои ги дозволуваат ваквите здруженија, фашизмот мора да запре и Македонија скандираат демонстрантите кои почнаа да удираат и со јајца по објектот каде е здружението, објавуваат телевизиите.
Од друга страна развеано е и знамето на Цар Борис III и знамето на Бугарија, по што дојде и до мал судир со големото полициско обезбедувањето.
Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ се отвора денеска напладне од страна на истоименото здружение. Ова е втор ваков бугарски клуб по клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, кој што се наоѓа во еврејското маало.
Царот Борис Трети, по кој е именуван бугарскиот клуб во Охрид, владееше со Бугарија од октомври 1918 година до неговата смрт во август 1943 година. Под негово водство, во 1941 година, Бугарија се приклучи на силите на Оската и окупираше територии на тогашна Југославија и Грција. Во март 1943 година, Бугарија депортираше над 11 илјади евреи од окупираните територии во концентрационите логори Аушвиц и Треблинка.