Демонстрантите поминаа покрај Скендербег, немаше инциденти

by Fokus

Демонстрантите, кои протестираат против францускиот предлог, вечерва повторно се вратија на старата рута на протести, од пред Влада до МНР, па до пред Собрание.

Откако на 6 јули имаше инциденти на протестот, во близина на плоштадот Скендербег, кога група од демонстранти се судри со дуќанџии и нивни блиски, па си разменуваа камења, а во игра беше и огнено оружје, протестната рута беше променета и се движеше од пред Влада до Министерство за правда, па до Собрание.

Вечерашниот, деветти по ред протест, помина во мирна атмосфера, но беше забележливо засилено полициско присуство во близина на Скендербег, пренесе Радио Слободна Европа.

Голем број граѓани протестираат против францускиот предлог, чие евентуално прифаќање треба да доведе до кревање на бугарското вето и почеток на преговори за влез на земјава во ЕУ. Под мотото „Ултиматум, не благодарам“ и „Со фашисти не се преговара“, присутните излегоа да кажат „не“, на како што велат за бугаризација на Македонија.

Протестите на кои повикаа опозициските ВМРО ДПМНЕ и Левица се одржуваат веќе втора недела со почеток во 19 часот пред Влада, со кратка пауза во петокот и саботата поради муслиманскиот празник Курбан Бајрам.

Во петокот место вообичаениот марш, се организираа блокади во Скопје кај Владата, како и на патиштата Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп.

Францускиот предлог е ставен в четврток на пленарна седница во македонското Собрание.

Поврзани новости