Демократскиот сојуз бара независна, експертска, транспарентна и јавна истрага откако вчера СДСМ објави информации за масовно кршење на основните човекови права и слободи, преку следење и прислушкување на комуникациите.
„Јавниот обвинител да формира посебен тим (согласно ЗКП), кој ќе работи на проверка и документирање на информациите за прислушкување, како и одговорноста на сите инволвирани во овој мега скандал, без разлика на тоа за кого сè се работи, неговата позиција, социјален статус, партиска припадност и сл, се вели во соопштението на парѕијата.
Демократскиот сојуз очекува во разрешувањето да се вклучат сите надлежни државни органи, вклучително и Народниот правобранител, при што само со почитување на принципите на владеење на правото, може да се дојде до вистината.
Освен тоа, Демократскиот сојуз ги повикува опозициските партии да се вклучат во работата на Парламентот за да може, како што вели, да се обезбеди уставна и законска определба за цивилна-парламентарна контрола над службите за безбедност.
„ДС смета дека освен што е нарушена приватноста на граѓаните, пробиен е и разорен целокупниот систем за безбедност, а во голема мера е загрозена безбедноста и стабилноста на државата, поради што неопходно е да се утврди политичката, кривичната и друг вид одговорност на носителите на овие активности“, пишува во соопштението на ДС, кој ги повикува сите политички партии во своите активности да водат сметка за стратешките и националните интереси на државата и граѓаните, а медиумите објективно и избалансирано да информираат.