На денешната прес-конференција, Павле Трајанoв, претседател на Демократскиот сојуз, ги презентираше врвните приоритети на Демократскиот сојуз.
Демократскиот сојуз е автентична политичка партија која е препознатлива по своите политички ставови и цврсто определена за демократија, владеење на правото и севкупен развој и просперитет на Македонија, како суверена и модерна европска држава.
Евроинтеграциските процеси се „моторна сила“ кои ја движат Македонија напред и цврсто сме определени за реформи кои ќе ги отворат вратите за полноправно членство во ЕУ.
Македонија мора да продолжи и со реформите во одбраната согласно стандардите на НАТО и доследно да ги исполнува своите обврски како членка на НАТО.
Надворешна политика треба да биде во функција на нашите стратешки и национални интереси и усогласена со политиките на ЕУ и стратешките партнери.
Прво, темелни уставни реформи (нов Устав), со кои ќе се етаблира функционална, современа и демократска држава, ќе се зајакне унитарниот карактер на државата, целосна департизација и деполитизација на виталните државни институции, ќе се ослободиме од решенија (Бадентер, Балансер итн.) кои го блокираат демократскиот развој и јакнење на одговорноста на секој граѓанин.
Во оваа насока ќе се направат и коренити промени на изборните правила (Македонија да биде една изборна единица), сѐ со цел да се обезбеди демократизација на државата и јакнење на одговорноста на носителите на јавни функции. Преку измената на Уставот и законите за политичко организирање и дејствување ќе се демократизираат партиите и другите облици на здружување на граѓаните.
Второ, коренити реформи на правосудниот систем, преку начинот на избор на судии и обвинители, ревизија на нивната работа, ограничување на мандатот на 5 или 7 години, со право на реизбор, уставни измени поврзани со кривична одговорност за одлуките што ги носат судиите, независен буџет, Закон за Уставниот суд, транспарентен начин на избор на судии итн.
Трето, системски промени во поставеноста на борбата против тешките облици на криминал, нивна рационализација и формирање на високопрофесионална Агенција за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, реформи во поставеноста на службите за безбедност (разузнување и контраразузнување) и нивна целосна деполитизација, безбедносни проверки и ветинг за сите вработени, кадровско прочистување и обезбедување плати во висина на платите на обвинители, судии итн.
Четврто, посебна програма за младите, услови за да отвораат бизнис, да создаваат семејства (поволни услови за купување стан, изградба на куќа и сл.), најмалку 30% од кандидатите за советници, пратеници и други функционерски и раководни места да бидат предвидени за младите до триесетгодишна возраст.
Петто, слободна пазарна економија, Македонија да биде информатичка сила, целосна дигитализација, развивање на заштита од сајбер напади, примена на вештачката интелигенција, исфрлање на енергенси кои загадуваат, замена на возниот парк со електрични возила итн.
Шесто, бесплатно образование од (згрижување на децата во детски градинки, предучилишно образование, основно, средно и високо образование, магистериум и докторат), заострување на критериумите и контрола на приватниот образовниот процес, бесплатна здравствена заштита и дисперзија на терциерната здравствена заштита, како и создавње на услови за модернизација и повисоки плати.
Седмо, слобода на медиумите и едукација за препознавање лажни вести, формирање фонд за поддршка на медиумите, на младите таленти во уметноста, спортисти итн.
Инаку на Денешната седница на Централниот совет на ДС е донесена одлука со која е овластен претседателот на ДС да ги продолжи разговорите за заеднички настап на претстојните парламентарни избори со ВМРО -ДПМНЕ.