Демократскиот сојуз подолго време инсистира на темелни реформи на судскиот систем, меѓутоа СДСМ и ДУИ ги кочат истите. Главна цел на овие партии им е преку целосна партизација да имаат целосна контрола над Судскиот совет и судиите во целина, соопшти политичката партија Демократски сојуз.
„Во функција на итни реформи предлагаме: Прво, да се направи ревизија над работата на секој судија и на членовите на Судскиот совет: професионалниот однос спрема работата, коруптивноста, поврзаноста со политичките партии, имотната состојба и други елементи клучни за извршување на функцијата“, соопшти Демократскиот сојуз. .
Оваа партија како втора мерка предлага Собранието по сеопфатна расправа да донесе заклучоци членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, во спротивно да донесе законски измени со кои на сите членови на Судскиот совет ќе им престане мандатот и спроведе постапка за избор на нови членови врз основа на цврсти критериуми и транспарентна постапка.
„Да се направат измени на Уставот со кој ќе се брише амандманот за судијата да не одговара кривично за донесена одлука. Како четврта мерка да се донесе Предлог -Законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, со што ќе се создадат законски услови за обнова на монтираните политички – судски процеси. Преку повторување на постапката ќе се види улогата на секој судија, обвинител, припадник на МВР и моќниците од политичкиот врв. Тоа ќе биде сериозна основа за поширока кадровска обнова. Корумпирани судии и обвинители, како и без интегритет, подложни на влијанија од партиите или други центри на моќ, треба да понесат одговорност“, соопшти Демократскиот сојуз.
Според оваа партија донесувањето на предлог-законот за преиспитување на факти и докази веќе три години го блокираат СДСМ и ДУИ во Собранието.
„Предлагаме Министерството за правда, во најкус рок, да подготви законски решенија за реформи во правосудниот систем во целина“, велат од Демократскиот сојуз