Политиката на креирање конфликти со соседните држави и нивно користење како алиби за застојот на евроинтеграциските процеси треба дa се напушти, препорачува Демократскиот сојуз.
„Посетата на Бугарија од делегација на Македонската Влада, предводена од премиерот Зоран Заев, како и посетата на Грција од министерот за надворешни работи, се почетни сигнали за офанзивна дипломатска активност и иницијативност во решавање на прашања кои ги оптоваруваат односите со соседните држави и пошироко“, велат од ДС во соопштението.
Од партијата велат дека нерешените прашања треба да се решаваат за да се отворат перспективи за Македонија и реализираат националните и стратешки интереси, Македонија да добие покана за полноправно членство во НАТО и да започнат преговори за влез во Европската Унија.
„За решавање на државни прашања, потребно е лидерство кое ќе креира решенија и ќе ја преземе одговорноста во интерес на перспективите и демократскиот развој на Македонија“, се наведува во соопштението на ДС.