АРХИВА Демократијата ни ја сведоа на „слободата“ самите да си ги бираме диктаторите!

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на осми јули 2011-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 836

Првиот вирус во системот на преродбеничката изборна еуфорија во 2011 година беше своевидниот бунт на младите, поттикнат од однесувањето на власта по убиството на Мартин Нешковски. Чист граѓански отпор, спонатно никнат од социјалните мрежи, кој ни донесе една нова, ние ја нарековме – фејсбук генерација, која претставува вистинско освежување во доминатниот ни партиски жабурник. Иако, и нивните барања, за сега барем, сеуште се во графата „нереализирани“ сепак сметаме дека овие нови лица заслужуваат простор и во класичните медиуми, а не само на Фејсбук и Твитер.

 Разговаравме со Игор Стефановски, кој половина од своите 30 години живеел во Англија. Роден е во Скопје, во мешан брак – мајка Англичанка, а татко Македонец. Интересно е дека пред две години завршил постдипломски студии, а неговата магистерска теза била за пречките што стојат на патот на Македонија кон ЕУ. Неговите ставови, изнесени по социјалните мрежи, од кои зрачи оптимизам дека сепак има НАДЕЖ, беа повод да се „дообјасниме“ со Игор!

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

ФОКУС За почеток, каде живееше и што учеше во Англија?

СТЕФАНОВСКИ Живеевме (моите сѐ уште живеат таму) во Кентербери, едно мало градче во југоисточна Англија. Факултет завршив на Кингс Колеџ во Лондон, каде што студирав американски и латино-американски студии, со шпански јазик.

ФОКУС Зошто се врати во Македонија?

СТЕФАНОВСКИ За да одговорам би ми требало цел есеј, што можеби некој ден ќе го напишам! Но, сите си имаме свои причини за нашите одлуки, и тоа што го знам е дека за мене одлуката да се вратам беше, и сѐ уште е, сосема исправна.

ФОКУС Колку од Островот ја следеше „демократијата“ во Македонија?

СТЕФАНОВСКИ Со секое мое враќање тука меѓу 1992 и 2007, со внимание ги следев промените во животите на моите роднини, пријатели и соседи. Моето маало. Мојот град. Мојата прва татковина. Мислам дека таму многу научив, гледајќи ги разликите помеѓу улиците во мојот роден град и улиците каде што се оформив како човек.

СЛЕДЕЈЌИ ГО ГАНДИ, ПРВО СЕ ПРОМЕНИВ СЕБЕСИ

ФОКУС Зошто до сега беше надвор од граѓанската сфера, во обид да се промени нешто? И зошто, на пример, не се пронајде себе си во некоја од постојните политички партии?

СТЕФАНОВСКИ Сметам дека не бев надвор од граѓанската сфера до сега. Напротив, си ги валкав рацете, како што би рекле Англичаните. За мене, и моите потреби, самото мое присуство тука беше доволно. Последниве години имав можност да зборувам со безброј граѓани – таксисти, келнери, другари… Од нив научив многу работи, кои сега го формираат моето знаење и мислење за нашата ситуација. Прашував, мислев, запишував. Значи, во обидот да се промени нешто, прво се променив себеси, следејќи го учењето на Ганди.

А политички партии?! Not for me (барем не како што се сега кај нас)! За жал, во нашиов свет, и особено во Македонија, тие се ретко изворот на битните промени во граѓанскиот сектор. Тие обично го потиснуваат гласот на народот и сакаат да изигруваат моќници. А, вистинските моќници сме ние, бидејќи ние им ја даваме власта. Така да, што мислите, кој е појак? Поради тоа сум решен да дејствувам во граѓанската сфера.

ФОКУС Сметаш дека каква и да биде судбината на протестот, тој ќе биде од критична важност за иднината на државата. Сепак, доколку барањата што ги испративте и до новите пратеници не бидат ефектуирани, дали тогаш овие граѓански протести ќе се претворат во декор на власта, давајќи и ореол на демократска структура, која, ете, дозволила да се протестира?

СТЕФАНОВСКИ Протестот е од критична важност. Не поради барањата, туку поради самиот факт дека имаше протест! До сега сме немале ваков вид на секојдневен протест, кој на одредени денови беше прилично масовен за наши услови. Последниве 20 години, народот на оваа земја имаше МНОГУ причини за масовен граѓански протест, но ретко излегуваше на улица секојдневно и во толкав број. Е па доста беше молк! Време беше и ние да станеме на нозе и да го кренеме својот глас. Сите наши држави соседи често го употребуваат тоа право (во Србија имаше секојдневни протести СО ГОДИНИ пред 5-ти октомври 2000), а ние некако збунето гледаме во бројните луѓе кои се борат за правото на сите да не бидат претепани до смрт. Кажете ми вие, која е таа демократска структура, т.е. структурата на демосот кај нас?

ФОКУС За тоа можам и јас есеј да напишам. Нејсе, повод за протестите беше бруталното претепување на Мартин Нешковски, но, и обидот на МВР да го прикрие злосторството. Вашите барања главно ги насочувате кон законодавната и извршната власт. Но, што правиме со судската власт? Еве, и после еден месец од оваа адреса не добивме повеќе информации за случајот, ниту, пак, проширување на истрагата кон оние што помагале да се забошоти убиството како некаков несреќен случај ( во извештајот на СВР Скопје стои дека на телото немало траги на насилство)?

СТЕФАНОВСКИ Според мене, протестот е против сите видови на т.н. власт, која кај нас е излезена од сите граници на нормала. Луѓе без авторитет станаа авторитети, луѓе без образование и општа култура нé учат како да се однесуваме, се измеша линијата помеѓу националисти и патриоти, патриоти и предавници… Битно беше да се артикулира нешто против ваквиот развој на настаните кај нас. Тоа се случи и треба да бидеме горди на тоа!

НЀ ПОДЕЛИЈА, НЀ ВЛАДЕАТ, А СО ТОА И НЀ КОЧАТ!

ФОКУС Мислам дека, иако протестите немаа масовност, споредено со партиските собири и митинзи, сепак вашиот успех е посилен затоа што моделот со кој се прави споредбата е организирано „автобуско митингување“. Фактот што не ви се придружија повеќе граѓани го сметаш за ПРОБЛЕМ, но, зошто мислиш дека е ирелевантно дали луѓето не излегле на улица заради страв или заради незаинтересираност? Или, поконкретно, зошто граѓаните се заинтересирани и не се плашат да бидат дел од партиските митинзи?

СТЕФАНОВСКИ Бидејќи погрешно мислиме дека само политичките партии можат да ни помогнат на долгорочен план. Не сфаќаме дека таквиот вид на акција е обично најкраткорочна. Тие ни нудат кафе, или локум, или ни ветуваат дека ќе ни дадат работа (барем до следните избори), и после си играат со нашите животи. Навикнати сме на тој начин на дејствување. Како да не знаеме за друго. А системот на тоа нé има научено, и не сме свесни дека има и други начини на коишто можеме да го подобриме сопствениот живот. Не разбираме дека демократија се однесува токму на нашиот глас, не на гласот на партиите. И најдобриот начин тој глас да се чуе, кога очигледно политичарите не слушаат веќе 20 години, е јавно, пред луѓе, на Јавна трибина, или кај вас во маало. А, тоа што го нареков проблем, не беше што луѓето не излегоа, туку што МИСЛЕА дека не смеат/не можат/нема потреба/е залудно…

836 igor2ФОКУС Зошто сите од младите кои се во првите редови на протестите, а со кои Фокус разговараше, постојано нагласуваат дека протестите немаат лидер? Зошто такви фрустрации? Лидер не се избира или гласа, туку тој едноставно се изнедрува од некое движење, се наметнува во јавноста со својата личност!

СТЕФАНОВСКИ Па, бидејќи навистина немаат! Никој не нé покани, ниту принуди, на протест. Сите отидовме сами, поради своите фрустрации. Сите сме лидери и сме дел од тоа што се случува. Јас повеќе од други, трети повеќе од мене, и така натаму…

Секој прави тоа што може, бидејќи сите веруваме во истото – дека вака веќе не можеме и не смееме да продолжиме. Но, искрено, и мене ме зачудува тој страв меѓу редовите на демонстрантите околу лидер, и мислам дека, како што знаете, тоа е поврзано со минатото кај нас и со начинот на кој одредени личности ја злоупотребија својата улога во протести за лично унапредување (и потоа заборавија за што воопшто протестираа). Тој страв е легитимен, но сметам дека во овој случај е непотребен!

ФОКУС Каде го лоцираш проблемот што 20 години живееме во лаги, корупција, безнадежност?

СТЕФАНОВСКИ Кај политичките партии. Нé поделија и нé владеат. А со тоа и нé кочат. Но, исто така и кај нивните господари, кои, со своите крупни интереси, стојат зад завесите и ги држат конците на разни марионети наречени „политичари“ кај нас. Не гледам друго место каде што би се лоцирал проблемот

НЕ СМЕ САМИ!

ФОКУС Дали протестите – СТОП за полициската бруталност, се првата победа на социјалните мрежи во Македонија? Дали веруваш дека власта можеби ќе сфати дека, колку и да корумпира и да ги „купува“ домашните медиуми, сепак нема таква моќ да го замолчи гласот на граѓаните?

СТЕФАНОВСКИ Да. Социјалните мрежи го менуваат начинот на комуникација, што значи дека и начинот на владеење се менува. Искрено се надевам дека нашава номенклатура ќе разбере дека нема веќе да може да нé замолчи и дека ќе го смени својот пристап кон народот. Сепак, мислам дека е уште поважно тоа да го сфатиме ние граѓаните!

Но, тоа што е исто така важно е што партиите се очигледно изненадени од начинот на кој се организираше овој протест, без организатори, без автобуси и без дневници за учесниците. Видоа дека постојат начини граѓаните да се организираат брзо и масовно, надвор од нивната моќ, и мислам дека тоа, колку-толку, ќе влијае врз нивното понатамошно дејствување. Како што вели познатиот слоган: Народот не треба да се плаши од власта, туку власта треба да се плаши од народот!

ФОКУС Во Македонија може да се дише непартиски воздух, но тоа по правило не е формула за успех. Можете ли вие, една нова млада генерација која до сега беше надвор од јавниот живот, да сторите нешто да се промени овој убиствен владеачки систем на вредности во кој ПАРТИЈАТА е клучот за напредок во кариерата, бизнисот..?

СТЕФАНОВСКИ Можеме, и правиме! Со протестите се отвори простор за јавна дебата, која се надевам ќе се прошири и во други делови на општеството каде што состојбата е критична. Но, повторно ќе потенцирам дека секој од нас треба да ги расчисти своите фрустрации. Не само младите, туку СИТЕ! Не е доволно секој од нас да се запраша, што е тоа што го фрустрира; треба секој да се запраша КАКО може да се ослободи од тие дневни иритации што на крај се претвараат во ужасно тежок товар.

Многумина гледаат само проблеми наоколу, додека тие кои гледаат решенија се ретки. Тоа е поради фактот што никој, ни на крај памет, не помислува дека решението може да биде во него. Па затоа не се ни обидува да проба. ПРОБАЈТЕ! Доста веќе седиме и чекаме некој друг да дојде и баш нашите проблеми да ги реши. Нема друг! И, кога конечно ќе тргнеме по тој пат, ќе видиме дека не сме сами, дека и други го мислат истото, и дека одеднаш нашата желба да ,направиме нешто, ќе се оствари со тој мал чекор.

Нашиот вид на протест ќе стане реален, и дел од дебатата, и, на крај, ќе успее поради самиот факт што конечно навистина направивме нешто. Можеби тогаш, ако имаме среќа и успееме да промениме одредени ситници преку вакви мали граѓански движења, нашите политички партии ќе се осмелат да понудат таков вид на природно граѓанско движење кон подобра иднина!

ТИЕ НУДАТ САМО ЕДЕН СОН!

ФОКУС Се согласувам со твојот став дека „кошмарот“ на секоја власт, на сите моќници, е разбуден народ. Но, како да се разбуди нашиот народ? И порано бил констатиран овој феномен. Ја знаеш веројатно песната: „Народе Македонски, со какви идеи си ти, ДОСТА БЕШЕ РАБУДИ СЕ, свести се, не спиј ти“?

СТЕФАНОВСКИ Повторно, секој мора прво самиот на себе да поработи. Има многу кои мислат дека се будни, а всушност спијат, исто како што има многу кои се преправаат дека спијат, но се будни. Проблемот е во тоа што, колку и да сакаме, тешко ќе можеме да разбудиме човек кој мисли дека е веќе буден, исто како што не можеме да предомислиме човек, дека тоа што тој го сонува, или гледа во неговата реалност, не е единствениот сон и единствената реалност; дека постојат други, и подобри.

За да се разбудиме, мора да САКАМЕ да се разбудиме, а за да сакаме, треба да дознаеме дека постојат многу други сонови и реалности. Кои се тие? Не е ни толку важно, бидејќи поважно е да само посакаме да смениме нешто на подобро. Проблемот е што партиите, заедно со медиумите како главна алатка, стојат на патот помеѓу нас и тоа општо будење, бидејќи ни покажуваат само една реалност и ни нудат само еден сон!

ФОКУС Што планираш понатаму, ќе останеш во Македонија. ќе се бориш за ГРАЃАНСКА МАКЕДОНИЈА? Како магистер по европски студии, колку нашите политички елити (ако е ова адекватен збор за нив ) ги разбираат и посакуваат европските вредности?

СТЕФАНОВСКИ За понатаму, здравје! Секогаш сум во Македонија, дури и кога не сум физички присутен. Се разбира дека ќе продолжам да работам на случајот наречен „Македонија“ колку што можам, и каде можам, на свој начин, бидејќи гледам дека работите од 1991 не водат кон добро. Нашите т.н. политички елити многу добро ги разбираат европските вредности, поради тоа што и ние сме дел од Европа, но и поради фактот што до некој степен тие вредности беа присутни за време на Југославија.

Но, очигледно е дека не ги посакуваат тие вредности кај нас, бидејќи тоа би значело членство во Европската унија и де факто намалување на нивната моќ во границите на оваа земја. Сé додека нé држат надвор од ЕУ, тие се главни, а не комесарите во Брисел, кои, колку-толку, објективно работат на подобрување на животот на над 500 милиони граѓани. Целта на сите партии е да дојдат на власт, и потоа да ја задржат, а не да работат за општото добро на народот. За жал, моментално, Македонија, како и многу други земји, е пример на тоа дека демократијата се сведува на тоа да имаме слобода сами да ги избираме своите „диктатори“!

 

Тажно
НАШИТЕ НОВИНАРИ ИМААТ НАЈМАЛКУ СЛОБОДА НА ГОВОР!

ФОКУС Згрозен си од вулгарноста со која некои медиуми се обидуваа да го сатанизираат овој граѓански протест. Дали веруваш дека тоа што протестиравте, меѓу другото, и поради нивниот недостаток на МОРАЛ, ќе допре до нивните (неморални) души?

СТЕФАНОВСКИ Реално гледано – не, бидејќи, ако допреме до нивните души, тие ќе бидат принудени да го сменат својот став, а за жал, на Балканот, менувањето на личниот став се смета за губитнички чин (не на одговорен човек, кој прифаќа дека грешел и е благодарен што научил нешто). Тоа што тие го објавуваат не е нивно лично мислење (бидејќи тоа бара време и е малку покомплицирано), туку е нешто што им е наредено да го зборуваат и пишуваат. Жално и иронично е што новинарите кај нас имаат можеби најмалку слобода на говор, иако се надевам дека нивниов протест на 4-ти јули е најава за нови ветрови!

Поврзани новости