Демиркапијци во работна акција: Здружени граѓани градат куќа на единаесетчлено семејство!

by fokus

Малото гратче Демир Капија, познато по клисурата и по винскиот туризам, во изминатиот период станува препознатливо место и по хуманоста и заедништвото на жителите. Сложните граѓани во повеќе наврати ја покажаа својата човечност и им излегоа во пресрет на свои сограѓани на кои им е потребна помош за лекување, за обновување на нечиј дом и собирање на донации.

Веќе неколку недели наназад демиркапијци се активно вклучени во нова работна акција, со цел да се изгради дом за единаесет члено семејство од селото Бистренци, кое се наоѓа во тешка материјална состојба. Родителите и нивните девет деца, од кои пет се малолетни, наскоро во дворот покрај старата куќа ќе добијат и нов дом, со неколку спални, кујна и купатило, во кои ќе можат да имаат достоинствени услови за живот.

Целата акција започнала од Благоја Велковски (67), по потекло од Демир Капија, кој веќе 24 години живее во Канада, каде што работи како личен асистент на лица со посебни потреби, а има и свој приватен бизнис.

Тој е познат како голем хуманист кој неретко помага на своите сограѓани, и лани донираше 3.000 долари за лекување на деветгодишно дете од градот. Сега пак, решил дека на единаесет членото семејство помошта му е повеќе од неопходна, и со поддршка на градоначалникот Лазар Петров, но и на повеќе институции и граѓани, ја започнал изградбата на семејниот дом.

-Мотивацијата за да им помагам на луѓето ми е тоа што сакам сите од заедницата да се зближат, да се прати порака дека никој не смее да живее изолиран и сам со својата мака. Во Демир Капија има многу хумани луѓе, на кои не треба два пати да им се рече за помош, еве како и за случајот со детето на кое му беа потребни финансии за лекување, така и сега за семејството веднаш наидов на позитивни реакции и искрена желба да се помогне.

Изградбата на домот на семејството веќе започна. Јас донирав 3.000 долари, а градоначалникот Петров без двоумење се понуди и тој да помогне околу целата организација на работата, се вклучија и многу институции. Шумското стопанство ни вети граѓа, Домот на културата ни вети керамиди, Депендансот – цемент и други градежни материјали, јавното комунално претпријатие ,,Бошава’’ вети дека ќе ја инсталира водоводната мрежа, добивме помош и од основното училиште во градот. Сите лица на челни функции се ангажираа да помогнат, и тоа многу ме радува – раскажува Велковски.

Тој додава дека и покрај помошта која што ја добиле, сеуште имаат потреба од многу работи. Апелира кој што има стари прозорци, врати, било какви градежни материјали, но и облека за семејството, покуќнина, па и храна, да се вклучи во акцијата и да донира.

-Домот на семејството мора да се среди до зима, се работи за деца. Условите им се многу тешки, немаат никакви примања. Помошта им е потребна и ние како општество не смееме да ги игнорираме. Се работи за мирни луѓе, кои што едноставно немаат никаква поддршка, тие самите дури и не знаат каде да се обратат за помош. Човечки е да им помогнеме – вели Велковски.

Пред неколку недели семејството имало уште една голема мака, кога 14 годишното дете им се разболело. Не знаеле што му е, а состојбата му се влошувала се повеќе. Со помош на хумани граѓани, но и на градоначалникот со чие возило детето неколку пати било носено во Скопје на клиника, му бил спасен животот.

-Детето имало кучешка тенија и со несебична помош на градоначалникот, на доктор Оливер од Демир Капија и на други хумани луѓе, се заврши целата работа. Му беше поставена дијагноза на момчето, а потоа беше и оперирано. Го чека уште една операција, но најтешкото помина. Градоначалникот Лазар се покажа како голем човек, без двоумење се вложи целиот со цел да се помогне. Сето тоа залагање од страна на многу луѓе ми ја враќа вербата во добрината – тврди иселеникот.

Тој раскажува дека и покрај тоа што повеќе од две децении живеел во Канада, сепак со мислите постојано бил во Демир Капија.

-Физички сум во Канада, но душата ми е во рдониот крај. Сакам да им помагам на моите луѓе, сакам сите да имаат убав живот, да живеат во почит и заедништво. Ваквите случаеви го обединуваат народот, а мене срцето ми се полни – вели тој.

Со цел да може навреме да им се пружи финансиска помош на луѓето кои што имаат некаква мака, во општината наскоро се планира да се отвори солидарен фонд, каде ќе може да се донира, а средствата ќе бидат наменети за лекување или пак за помош на социјално загрозените семејства. И градоначалникот Петров вели дека ја поддржува идејата и како е горд што во својата општина има сложни луѓе кои несебично помагаат и се тука едни за други.

Сите кои што се во можност да му помогнат на единаесет членото семејство, можат да донираат градежни материјали, покуќнина, облека и храна директно во општинската зграда. Дополнително ќе биде објавена и жиро сметката за донации, по завршувањето на административната процедура, па ќе може и финансиски да се помогне со цел успешно завршување на акцијата за изградба на нов дом на семејството.

Вики Клинчарова

Поврзани новости