Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, денеска изјави дека засилени инспекции во градинките ќе има на државно ниво, не само во Скопје, а се со цел да се откријат нецелосно или делумно вакцинирани деца против пертусис, односно против голема кашлица.
Изјавата на Демири доаѓа по најавите дека од денеска Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе започне со вонредни инспекциски надзори, како и со издавање решенија за забрана на прием на деца кои не се имунизирани со вакцината ДТП против голема кашлица.
„Мислам дека веќе пред две недели го организиравме ова. Оваа е трета недела како сум министер за здравство. Имајте го тоа предвид. Откако дојдов, веднаш пристапив кон овој проблем. Не само на територија на Скопје, каде што е прогласена епидемија, туку на државно ниво ќе има засилени инспекциски прегледи и ќе барам да се вакцинираам оние кои се невакцинирани. И во останатите градови ќе се враќаат од градинка децата кои не се вакцинирани. Има потпишано таква наредба“, истакна Демири одговарајќи на новинарско прашање дали се задоцнети вонредните инспекциски надзори на ДСЗИ во градинките.
Демири потсети оти имал и претходно јавни изјави дека од градинка треба да се вратат оние деца, кои не се вакцинирани, па апелираше да се зголеми свеста и значењето на тоа што значи вакцинација.