Министерот за здравство, д-р Илир Демири заедно со заменик министерката, д-р Маја Манолева денеска ја посетија Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, каде изминатите неколку години се реализирани бројни инвестиции во нова медицинска опрема, инфраструктурни проекти, како и континуирано зајакнување на кадарот.
– Една од најзначајните инвестиции во нова опрема е апаратот за магнетна резонанца во вредност од 1.2 милион евра, обезбеден со поддршка од Европската унија. Исто така, преку ИПА проектот набавени се повеќе апарати во вредност од 150.000 евра и тоа: апарат за артроскопија, ЕЕГ-ЕМГ апарат, ЕХО апарат стационарен и мобилен, пациент монитори, како и апарати за физикална терапија. Покрај вложувањето во нова опрема во насока на унапредување на квалитетот на здравствената заштита, оваа установа е пример и за континуирано зајакнување на кадарот. Само во изминатите неколку години се реализирани вкупно 73 нови вработувања, потенцираше министерот Демири по средбата со раководството на болницата.