Министерот за здравство д-р Илир Демири денеска на Свечената академија по повод отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Универзитетската клиника за хематологија, којшто пред 3 недели беше пуштен во употреба рече дека „Изминативе неколку години, оваа установа покажа како треба да се работи во интерес на пациентите и здравствените работници. Клиниката за хематологија истовремено вложуваше и во подобрување на условите за третман на пациентите, но и во унапредување на условите за работа на здравствените работници“.
„Покрај реновирањето на установата, тука за првпат почнаа да се прават и трансплантации на матични клетки од несроден дарител. Со трансплантациите им се даде нова шанса за живот на пациентите со малигни хематолошки заболувања. Пред само неколку недели, беше пуштен во употреба и новоизградениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки што претставува една од најважните инвестиции во јавното здравство“ посочи Демири кој напомена дека „Сега, Клиниката за хематологија се етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во регионот. Задоволен сум што овозможивме најсовремен и најдобар медицински третман за пациентите“.