Министерот за здравство д-р Илир Демири во вчерашното гостување во централниот Дневник на телевизија Сител истакна дека има решение за потешкотиите што се јавуваат за закажување на магнетна резонанца и приоритет треба да им се даде на пациенти кои имаат потреба од неурохируршко лекување и малигни заболувања, а сите други треба да се дисперзираат.
„Има решение, оти има злоупотреба, а пропо закажување на магнетна резонанца, оти има критериуми прво со кое *миџинг* техника се оди, па после доаѓаме до магнетна резонанца. Јас имам чувство дека многу пати се назначува магнетна резонанца без да има крајна цел, јасна индикација. Затоа е воведено во „Мој Термин“ некое ограничување кое важи за пациенти кои имаат потреба од неурохируршко лекување, така, малигни заболувања, на тие да им се даде приоритет. Додека, сите други кои имаат потреба за магнетна резонанца треба да се дисперзираат. Значи, што сметам за тоа? Има магнетна резонанца во Прилеп, има магнетна резонанца во Тетово и треба да се дисперзираат пациентите со одредени патологии“, рече Демири.
Во вестите, Демири информираше дека веќе разговарал со директорот на „Мој Термин“ и се договориле листа на чекање да биде објавена во „Мој Термин“.
„И според таа листа која е електронска, откако ќе се внесат пациенти не може да се има упат, мој, твој, па да се прескокне редот. Тоа веќе е воведено и дадено како задолжение за да може да има покоректен пристап секој и да се чувствува посигурен. Ќе овозможам колегите оператори, хирурзи кои сакаат дополнителна пракса да може да работат и дополнително, но не на сметка на овие кои се комплетно покриени од Фондот за здравство.
И нешто друго со што мислам дека ќе се согласи целата јавност за приватни пациенти ќе има една категорија независно дали се државјани на Македонија или доаѓаат од Сиднеј да се лекуваат тука. Значи тие ќе бидат приватни пациенти. Мислам дека меѓународно право вака ќе биде задоволно, како нашите граѓани кои одат по странство да се лекуваат, па плаќаат приватно и не се дискриминирани со нивните државјани. Ова е многу важно, јас повеќе сум за промоција на нашите стручњаци отколку за промоција на цени. Имаме доста квалитетни стручњаци кои може да повлечат пациенти тука и да одиме кон развој на медицински туризам“, изјави Демири.