Министерот за здравство д-р Илир Демири на денешниот Европски ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, 12. Март потенцира дека насилство врз здравствен работник е недозволиво и казниво со закон.
„Здравствените работници мора да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да може да ни овозможат здравствена грижа и нега. Податоците на Лекарската комора говорат дека 78% од докторите пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место, а 80% биле изложени на вербално насилство. Ова е фрапантен податок што покажува во какво општество живееме. Во општеството мора да има нула толеранција за насилство врз здравствени работници, затоа што насилството врз лекарите претставува и закана за грижата за пациентите“, вели Демири.
Минатата година се направија измени на Кривичниот законик, со што насилството врз здравствен работник при вршење на професионални работни задачи е насилство кон службено лице и претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор.