Демири: Ќе помогнеме да се покријат трошоците за лекување на Леонид во Виена, за системско решение ќе зборуваме по изборите

by Fokus

Владата и Министерството за здравство се комплетно посветени и ќе се изнајде решение со кое ќе му се помогне на Леонид Индов, односно ќе му бидат покриени трошоците за лекување во Виена, изјави денеска министерот за здравство Илир Демири одговарајќи на новинарски прашања. Системско решение, како што посочи Демири, во предизборниот период и во време на техничка влада, не може да се најде.

„Досега е направено многу. Зборувавме со семејството и брзо ќе добиете епилог. Не сакам медиумска кампања а пропо изнаоѓање на решение. Значи, Владата и Министерството за здравство се комплетно посветени и ќе најдеме решение да му се помогне не само на Индов, туку на секој еден пациент кој има потреба“, изјави Демири.

Тој напомена дека сега треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение ќе се зборува после изборите.

„Системско решение во оваа техничка Влада и предизборие не може да се најде. Треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение после изборите ќе зборуваме, од повеќе сектори зависи тоа. Значи, промена на регулативи и на закони не зависи само од Министерството за здравство“, додаде Демири.

 

Поврзани новости