Демири и АЦФ: Трикафта го подобрува животот на пациентите со цистична фиброза

by Fokus

Министерот за здравство д-р Илир Демири, денеска се сретна со претседателите на Асоцијацијата за цистична фиброза (АЦФ) Александар Стамболиски и Елмир Сејфулаи, како и членката од Асоцијацијата Ивана Атанасоска. На средбата се дискутираше за состојбата на пациентите со цистична фиброза, за третманот и лекувањето со Трикафта, но и за следните конкретни чекори што треба да се преземат за подобрување на животот на оваа група пациенти.

Демири, потенцираше дека Министерството и Асоцијацијата имаат успешна соработка којашто резултира со поквалитетен живот на пациентите.

„Асоцијацијата за цистична фиброза е нашиот партнер и заеднички продолжуваме да делуваме за подобра здравствена состојба на пациентите со цистична фиброза. Горд сум што нивната белодробна функција по примањето на терапијата е подобрена. Досега 32 пациенти имаат примено Трикафта и етапно сите ќе се вклучат на терапија. Верувам дека заеднички можеме многу да постигнеме, во Министерството за здравство имате искрен партнер“, рече Демири.

Претседателот на Асоцијацијата Стамболиски во извештајното резиме нотира дека пациентите кои се вклучуваат на терапија со Трикафта, комплетно им го подобрува животот.

„Во сите овие процеси, АЦФ не ја заборава и се заблагодарува за улогата на ресорното Министерство за здравство, во кое гледаме пријател за здравјето на пациентите – процес што треба да продолжи и да ги опфати сите на кои лекот живот им значи. Тоа може да се потврди само со коректна соработка и институционален континуитет каков што воспоставивме на релација: Асоцијација на цистична фиброза – Министерство за здравсто. Веруваме дека нашите заложби се взаемни со Министерството, бидејќи и покрај досега постигнатото, пред нас се и нови сериозни задачи. Како потврден учесник во добрата соработката со институцијата продолжуваме со адресирање на проблемите, но и да нудиме соодветни решенија од заеднички интерес за пациентите“, вели Стамболиски.

Поврзани новости