Министерот за здравство Илир Демири побара итно и неодложно да се промени компресорската станица на Клинички центар за да проработат хируршките сали кои 13 дена се затворени.
Демири преку објава на Фејсбук страницата на Министерството за здравство, побара да се средат сите работи околу инсталацијата на новата компресорска станица и сите попратни елементи за непречено и континуирано функционирање на хируршкиот блок.
„Напоменувам, се работи за живот на луѓето и се работи за државен интерес. Како министер за здравство замолувам и се надевам дека ќе имаме разбирање за истото, иако сум многу свесен дека се наоѓаме во изборен процес пред формирање на нова влада, но животот на луѓето и државните интереси се поважни од сѐ“ наведува тој.
Министерот Демири пред неколку дена на прес-конференција рече дека хируршките сали на Клинички центар се стари околу 30 години и дека додека не добијат документ за исправност, ќе користат надворешни компресори.