Демир Капија ги живее фестивалските денови: Огромен интерес за Меѓународниот театарски фестивал!

by Fokus

Пред три дена во Демир Капија беше отворен Меѓународниот театарски фестивал ,,Без рамка”, кој годинава се одржува по третпат во Домот на култура ,,Мирка Гинова”.

Настанот започна со претставата ,,Веселинови” и ќе трае до трети август, а во неговиот склоп се предвидени шест тетатарски претстави на групи од земјава и регионот.

,,Фокус” разговараше со Томе Атанасов, организаторот на фестивалот кој привлече бројна публика од Демир Капија, но и од регионот.

Атанасов вели дека идејата за овој културен настан ја имал одамна, а пред три години со несебична поддршка од градоначалникот Лазар Петров, успеал да ја реализира.

Од досегашното искуство, се покажало дека не згрешиле, бидејќи интересот на публиката бил огромен, а општината веќе станува препознатлива помеѓу љубителите на театарот по овој фестивал.

-Подолго време се планираше фестивалот, и на крај со безрезервна поддршка на градоначалникот Петров успеавме да започнеме еден ваков проект во нашата општина. Од општината добивме финансиска поддршка, но и логистичка поддршка, а резултатот е еден одличен фестивал кој привлече многу посетители и кој покажа дека нашиот народ е желен за културни настани.

Актерите се повикуваат на бис на крајот на претставите, Домот на култура е полн со луѓе, раздвижено е во целата општина.

Минатата година, покрај поддршката од општината, имавме поддршка и од Министерството за култура, за жал оваа година поддршката од министерството изостана, но ние сепак го даваме нашиот максимум.

Имаме театарски групи од Штип, Скопје, Демир Капија, Босна, Србија…, вели Атанасов.

Додава дека името на фестивалот ,,Без рамка” е еден вид на порака дека не постојат рамки за уметноста, нема врамена уметност, и на фестивалот се добредојдени уметници од целиот свет, без разлика дали се тоа аматерски или професионални театарски групи и без разлика на жанрот на претставите.

Настанот започна со претставата ,,Веселинови”, следеше претставата ,,Кенди”, а вечерва на репертоарот е претставата ,,Лекција”.

Потоа следуваат претставите ,,Трг ратника”, ,,Ти спиеш, тебе ти се спие”, и ќе заврши со ,,Доктор Молиер” на трети август.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости