Демант од македонската црква во Берлин

by fokus

Македонската црковна општина „Свети Климент Охридски“ од Берлин ги демантира информациите објавени во дел од македонските медиуми според кои за време на Божикна прослава организирана од македонската дијаспора во главниот град на Германија дошло до инцидент во кој што се степале триесетина луѓе а имало и неколку повредени. Демантот го пренесуваме во целост:
Македонската црковна општина „Свети Климент Охридски“ од Берлин ја информира целата македонска јавност во Македонија и надвор од неа дека за божикните празници воопшто не била организирана било каква прослава со што невозможно било да се случи каков били инцидент за кој што објавија медиумите.
Македонската црковна заедница „Свети Климент Охридски“ од Берлин ги повикува медиумите кои што ја објавија оваа лага веднаш да ги повлечат своите лажни текстови и да им се извинат на Македонците во Берлин за ширењето на лажни вести кои што немаат никаква основа.
Македонската црковна општина „Свети Климент Охридски“ од Берлин бара порталите „Плус инфо“, „Слободен Печат“ и „Фокус“, кои што први ја објавија лажната вест и сите останати кои што ја презмале веста да ги информираат своите претплатници и целата македонската јавност дека без никаква основа, без да наведат извор на информацијата или да контактираат некого во македонската дијаспора во Берлин објавиле лажна вест која што е на штета и на македонската јавност и на штета на сите Македонци во светот. Само еден повика на телефон или преку социјалните мрежи од страна на новинарите кои што објавија дека имало тепачка меѓу Македонци ќе беше доволен за да се утврди вистината или барем да се искаже ставот на Македонската црковна заедница „Свети Климент Охридски“ од Берлин во врска со лажните информации кои што ги пласираа дел од Македонските медиуми.
Во време кога Македонците во Македонија и во дијаспората се соочуваат со огромни поделби обврска на медиумите кои што се сметаат за професионални пред да објават нешто е да ги проверат информациите со цел да се избегне уште поголемо разединување во македонското ткиво.
Искрено се надеваме дека вистинската цел на лажните вести пласирани од почитуваните медиуми кои што непрофесионално објавиле очебијна лага за непостоечки инцидент и непостоечка прослава не е да се предизвика раздор и непријателство меѓу Македонците каде и да се.
Во исто време ја информираме македонската јавност дека Македонската црковна заедница „Свети Климент Охридски“ од Берлин е составена од членови со различни политички интереси но тоа никогаш не играло никаква улога во активностите кои што се спроведуваат во име на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и зачувувањето на македонските национални интереси. Македонската црковна општина „Свети Климент Охридски“ од Берлин ќе продолжи да биде фактор на сплотување на сите Македонци и македонски граѓани кои што со нас ја делат идејата за силен и обединет македонски народ,
Берлин, 12 Јануари 2017 година

 

Поврзани новости