По обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за условите во кои сега се наоѓа скопската Клиника за психијатрија, за како што тврдат, несоодветните услови, стигна демант од Клиниката.
Го објавуваме во целост:
„Ги демантираме изјавите дадени од комисијата за здравство на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за негрижата на Клиниката за психијатрија, која, напротив, во последните години бележи развој на секое поле, вклучително и на подобрување на просторните услови, воведување на нови дијагностички и терапевтски процедури, едукација на персоналот, научно истражувачка работа, креирање и спроведување на јавно здравствени политики …
Би сакале да ве известиме дека реновирањето на клиниката се изведува во две фази, за што континуирано е известена јавноста.
Првата фаза на реновирањето е комплетирана од Проектната единица на Светска Банка при Министерството за финансии во рамки на проект за енергетска ефикасност, и е изведена во периодот мај – ноември 2023 година. Втората фаза ја спроведува Проектната единица при Министерството за здравство, која се однесува на внатрешните услови, пред сè, на сеопфатно реновирање на санитарните јазли и севкупно реновирање на првиот спрат.
Клиниката за психијатрија не учествува во ниедна фаза на планирање и на изведување на реновирањето. Напоменуваме, севкупната процедура за првата фаза ја спроведе Проектната единица на Светска Банка, а за втората фаза ја прави Министерството за здравство, вклучително и избор на фирма изведувач, планирање, спроведување и динамички план на градежни активности, надзор…
Како што сме известени од надлежните во Министерството за здравство и од проектната единица, извршувањето на градежните активности беше планирано да се комплетира во периодот декември – мај 2024 година. Бидејќи сите наши работни активности се дисперзирани во повеќе други здравствени установи во Скопје, со дозвола на Министерството за здравство, а за што е известена и јавноста, раководството на Клиниката за психијатрија упати неколку ургенции до Министерството за здравство за доцнење на градежните работи, како и за насоки за понатамошна организација на работата.
Известени сме дека поради пролонгирање на градежните активности, продолжен е рокот за реновирање до крај на јуни 2024 година. Внатрешните простории на клиниката во моментов се градилиште, за чие обезбедување е одговорна Проектната единица на Минстерството за здравство, односно фирмата изведувач која е избрана од матичното министерство, а за изведбата на градежните работи е исто така ангажиран надзор од министерството.
Уште од почетокот на реновирањето, вработените се известени дека треба да си ги обезбедат своите лични работи, а инвентарот е сместен во посебни простории за да може да се одвиваат градежните работи. Известени сме дека за секое оштетување на клиниката кое ќе биде направено, одговорна е фирмата изведувач.
Во однос на заклучената врата на директорот, ве известуваме дека воопшто нема врата на неговата канцеларија која се наоѓа на првиот кат кој комплетно се реновира, а заклучени се просториите на приземје, каде се наоѓаат просториите на дневната болница, администрацијата, библиотеката и лекарските простории, каде не се планирани градежни активности.
Ги покануваме претставниците на комисијата за здравство на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да ја посетат клиниката, и на лице место да се уверат во состојбата на клиниката. За сите аспекти на спроведување на градежни активности, повторуваме дека немаме никаква надлежност ниту учество и ги упатуваме да побараат информации во Проектната единица на Министерството за здравство.
На приложените слики може да се види како изгледаше Клиниката за психијатрија пред реновирањето, а како изгледа денес. По завршување на реновирањето, клиниката ќе има најдобри услови за работа од повеќето клиники за психијатрија во регионот.
Во прилог на овој меил имате фотографии како доказ за овој демант, односно состојбата пред и потоа на клиниката“.