Политичарите кај нас се во почетокот луѓе од верба, па стануваат луѓе од законот, за на крај да станат луѓе без верба и без законот, а состојбите во општеството не можат ни да бидат подобри со вакви ликови
Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ
Демагог означува народен водач, водач на толпа луѓе, кој во демократските системи својата популарност ја стекнува со експлоатација на предрасуди и незнаење на народот, разбранувајќи ги страстите на толпата, задушувајќи го нормалниот политички дискурс со нарушување на втемелените обичаи на спроведување на политиката. Ова е дефиниција на демагог, во која се вклопуваат и препознаваат речиси сите наши досегашни премиери и политичари, воопшто.
Во Стара Грција, демагог бил народен говорник, кој настапувал како нивен претставник. Но, во денешно време, под демагог се подразбира личност, главно политичар, кој со лажни ветувања, спектакуларни обвинувања и сеење илузии, стекнува доверба на широките народни маси и управува со нивното однесување.
Демагогија е низа методи со кои се служат демагозите, а кои подразбираат мамење со лажни изјави и ветувања, изјави со кои се поттикнуваат стравови, предизвикува омраза, алчност и параноја.
Методите со кои се служат демагозите се обвинување на другите за состојбите во кои се наоѓаме, сеење страв, лажење, емотивен дискурс и личен шарм, обвинување на противниците за слабост и нелојалност, ветување невозможно, насилство и заплашување, лични навреди и исмевање, вулгарност и несоодветно однесување, рефлектирање народни манири, драстично упростување, напади на медиуми.
Ниту еден демагог не ги користи сите методи, ниту на ист начин ја стекнуваат популарноста и лојалноста на народот. Но, во секој случај, особено во изминативе триесет години, политичарите, во голема мера, ги користат речиси сите набројани методи, како во светски рамки, така и овде на Балканот. Разликата меѓу големите државници и политикантите демагози од нашиве простори е што државникот ја користи оваа метода многу ретко, додека овие другиве, друга метода на владеење и немаат.
Вистински државник во своите говори и со своето однесување покажува одговорност, личен морален интегритет, со говорите смирува, ги лоцира проблемите без затскривање, нуди решенија, ги спроведува во пракса, секогаш е подготвен да разговара за својата одговорност и истата да ја понесе.
Демагозите, односно политикантите и политичарчињата секогаш ги одбегнуваат разговорите за проблемите и се обидуваат да ги затскријат, тргуваат со вистината, обвинуваат други за своите постапки, немаат личен морален интегритет, често и слаба наобразба, говорот им е полн со омраза, омаловажување, делење лекции, поттикнуваат страв, поделби, без капацитет за решавање на проблемите и со силна нота на додворување кон народот или поголемиот од себе, а по потреба.
ОБВИНУВАЊЕ ДРУГИ
Една од најпримитивните и најосновни демагошки техники е обвинувањето друг или други. Секогаш се вперува прст кон некого кој е непријател и кој е одговорен за лошите состојби. Доколку и не постои, непријателот мора да се измисли, а борбата треба да биде постојана и непрекината. Најпогодни групи во кои ќе се впери прстот на демагогот се оние од различна верска, етничка или политичка припадност. Веднаш по „победата“ над едниот непријател, се создава нов, како надворешен, така и внатрешен. Таа вечна „борба“ на патриотите со предавниците, делбата на „ние“ и „тие“ му е секако добро позната на нашиот народ веќе подолг временски период, бидејќи речиси да не постои политичар на овие простори што не ја применува.
СЕЕЊЕ СТРАВ
Како надополнување или продолжување на демагошката техника на обвинувањето други, нужно се применува и техниката на сеење страв. Залудно е и непродуктивно за демагозите да имаме „дежурен“ виновник за лошите состојби ако тој не е и непријател на народот и државата и ако не се обидува да ја приграби власта, државата и сето богатство за себе, оставајќи го народот незаштитен и искористен.
Борбата на демагозите не би имала таква величественост во себе ако „непријателот“ не е силен и моќен со цел да ја урне државата, а нивната „победа“ над непријателот не би била толку голема. Затоа е потребно да се сее страв меѓу луѓето и во јавноста. Страв од соседите, бегалците, странците, различните предавниците, шарените, комитите, „комуњарите“, „вмровците“, „шиптарите“, „педерите“, сеедно е, непријателот мора да постои, а народот да се плаши.
ЛАЖЕЊЕ
Измислување на „непријателот“ и „опасноста“ од него нужно води кон лажење, исто како и обвинувањето други за своите неуспеси. Поразите и неуспесите, демагозите ги прогласуваат за победи и успеси. Еден вистински политичар, кога чувствува потреба да му обрне внимание на народот на вистинските опасности или предизвици што му се закануваат, како и кога го критикува противникот, ги избира своите зборови и дава аргументи за своето мислење.
Демагозите, пак, без размислување и аргументација, паушално го напаѓаат противникот, неразмислувајќи за вистинитоста на своите тврдења, туку за влијанието на своите зборови врз чувствата на народот. Темите на своите говори демагозите секогаш ги приспособуваат кон потребите на јавното мислење и моменталната актуелност на некој настан што предизвикува голем интерес кај народот. Најчесто се полни со предрасуди и со оскудно знаење, така што не ретко веруваат во вистинитоста на своите зборови. По пласирањето една лага, продолжуваат со нови лаги и измислици, без оглед на успешноста на претходната.
ЕМОТИВЕН ДИСКУРС И ЛИЧЕН ШАРМ
Демагозите често покажуваат голема вештина при емотивната манипулација со масите при држењето на говорите. Емотивната манипулација често не зависи од елоквенцијата или од личниот шарм на политичарот, туку и од неговата способност народот да се идентификува себеси во чувствата и стравовите што политичарот ги покажува во текот на говорот.
Еден од нашите врвни политичари од минатото со својата елоквенција и начинот на кој му се обраќаше на народот успеваше да го маѓепса и „пренесе жеден преку вода“ и токму поради таа своја вештина успеа да биде долго време во политиката на највисоките функции без некои особени резултати, кои за волја на вистината и останатите ни ги покажаа. Други, пак, двајца наши политичари, и покрај својата неелоквентност, постојаните гафови и глупости, успеаја да заземат највисока државна позиција, благодарение на емотивната интеракција што ја остваруваа со народот при своите говори.
ОБВИНУВАЊЕ НА ПРОТИВНИЦИТЕ ЗА СЛАБОСТ И ЗА НЕЛОЈАЛНОСТ
Сведоци сме дека сите изборни кампањи, но и говори, интервјуа и изјави во последните три децении се напади и обвинувања на политичкиот противник, но и на нивните симпатизери и членови. Кампањите се црни, со низа обвинувања, а вокабуларот е навредлив и обвинувачки, проткаен со сиви лаги, кои имаат за цел да го одвратат вниманието од реалните проблеми и да го фокусираат на противникот, кој не ретко се прогласува за непријател на државата.
По принципот на Џозеф Макарти, секој што различно размислува и ѝ се спротивставува на врхушката што е на власт е предавник и непријател на државата. Изместената и заболена логика на демагогот што ја пласира во јавноста, а во недостиг од докази, оди по принципот – јас сум против предавниците и непријателите на државата, ти си против мене, значи ти си предавник и непријател.
ВЕТУВАЊЕ НА НЕВОЗМОЖНОТО
Една од најчестите методи на демагозите од нашата политичка елита е ветување на невозможното и речиси да нема политичар кој бил во власта, а да не ја користел оваа метода. Ветувањето што се дава на народот е дадено само заради емотивното влијание на народот, но не се размислува како тоа ветување ќе биде исполнето, а не постојат ни планови ни програми за нивно исполнување по доаѓањето на власт.
Ветувањата се даваат театрално, но никогаш демагогот не зборува за начинот на нивното спроведување. Дури и кога е присилен да одговара на прашањата за нивно спроведување, демагогот не отстапува од ветувањето, и покрај одговорите што се конфузни, нелогични и несериозни, а често и смешни, тој и понатаму тврди дека има план за нивна реализација. Се сеќава нашиот народ на многу такви ветувања, најмалку еден вработен во секое семејство, 500 евра најмала плата, бројчаник за конфискуваните пари…
НАСИЛИЕ И ЗАСТРАШУВАЊЕ
Физичкото насилство и застрашување на политичките противници е најчеста и најбрутална демагошка метода, со која се служат политичките партии преку охрабрување на своето членство и „партиските војници“ физички да се заканат, или да ги нападнат противниците и неистомислениците. Со тоа, не само што ги заплашуваат противниците, туку го заплашуваат и народот, праќајќи порака што ќе му се случи на тој што ги критикува или не гласа за нив.
ЛИЧНИ НАВРЕДИ И ИСМЕВАЊЕ
Исмевањето и подбивањето со противниците е уште една техника на демагозите, која нашите политичари ја користат постојано во комбинација со другите техники. Тоа е едноставен начин да се задуши и одбегне секаква дебата и сериозно спротивставување на мислења. Лепењето навредливи епитети и нивното постојано повторување во секој говор и во секој настап служи за одвраќање на јавноста од битни прашања и можност да се одбегне сериозно и аргументирано спротивставување на ставовите на противникот и лесно добивање на дневно политички поени. Често сме ги слушале ваквите исмевања и етикетирања од партиската или од собраниската говорница за врапчињата, зајчињата, магарињата, морковите….
ВУЛГАРНОСТ И НЕСООДВЕТНО ОДНЕСУВАЊЕ
Секоја реклама е реклама, па била таа и лоша, е филозофијата на демагозите. Покрај тоа, тие, со несоодветното облекување на формални настани, кои бараат и определен начин на облекување, се обидуваат да пратат порака на ноншалантност и неоптовареност со настанот, но и пркос кон авторитетите.
Вулгарното или несоодветното однесување е обид да се покаже дека тој -демагогот, како единка, е толку моќен и над другите, што неговото однесување мора да биде толерирано молкум. Пред широките народни маси, со ваквото однесување се покажува посебност, нескротливост и различност од востановените начини на водење политика, што не ретко може да донесе политички поени на кратки патеки.
РЕФЛЕКТИРАЊЕ НА НАРОДНИ МАНИРИ
Голем број политичари се обидуваат да се претстават како луѓе од народот, обични граѓани, како и оние чии гласови им требаат. Особено, во време на изборните кампањи или при обид за подобрување на рејтингот, добар дел од политичарите знае да се „симне“ меѓу народот, па честото возење велосипед меѓу другите граѓани, одење на работа со велосипед, купувањето на зелените пазари или во самопослугите, возење со јавен градски превоз, се само дел од арсеналот на демагозите со кој се обидува да му се приближи на народот или целната група заради создавање определена лажна слика за себе.
ДРАСТИЧНО УПРОСТУВАЊЕ
Уште една од демагошките техники со кои се покрива сопственото незнаење на определена област или прилики, но служи и за одбегнување на аргументирано, целосно, сеопфатно и сериозно пристапување кон проблемот и изнаоѓање решение. Наместо анализа и аргументација, се нуди едноставен лек за сериозен проблем или од ракав изваден одговор за определени состојби.
Се изнаслушавме дека реформи во судството не се потребни, затоа што е отворено како пупка, дека за состојбите во државата се виновни странците, жолтите комбиња, чадорот, дека бројачот кај Триумфалната капија ќе го мери конфискуваниот имот и прероденото судство…
НАПАД НА МЕДИУМИТЕ
Демагогот со своите зборови свртува внимание, ветува, придобива луѓе и го маѓепсува народот, свртувајќи му го вниманието од сопствените лаги, неисполнети ветувања, злоупотреба на моќта.
Но, ако народот не памети, медиумите информираат и бележат, паметат и коментираат и се најголеми непријатели на демагозите политичари. Тие со брзото и објективно информирање, често ја поткопуваат моќта и контролата на демагогот над народот и следбениците, демаскирајќи го и прикажувајќи во права светлина. Токму поради тоа, нападите на медиумите се постојани и жестоки, неумерени и со цел да се замолчат или придобијат.
Делбата на медиумите на наши и нивни, на добри и лоши, сè со цел да се намали вредноста на информацијата што ја пласира тој медиум и довербата во неа. Финансирањето на медиумите од партиски или државни извори, рекламирањето на државните институции, програми и проекти се обид за корумпирање на медиумот и нивно контролирање.
Токму заради сето ова набројано, политичарите кај нас се во почетокот луѓе од верба, па стануваат луѓе од законот, за на крај да станат луѓе без верба и без законот, а состојбите во општеството не можат ни да бидат подобри со вакви ликови.