Деловна тајна е хонорарот на Здравко Чолиќ за настапот во Крива Паланка, вели градоначалникот Митовски

by fokus

Општина Крива Паланка најави богата програма на „Кривопланечко културно лето 2023” во чиј склоп ќе се одржат над 30 културни настани. Помеѓу нив е и јубилејното десетто издание на „Џојфест”, а главна музичка ѕвезда на настанот ќе биде Здравко Чолиќ.
Неговиот концерт ќе се одржи на 28-ми август на стадионот, а влезот ќе биде слободен.

Иако е во својата 72-ра година, Чолиќ е музичар кој има енергични концерти кои траат по повеќе и од два часа. Важи за еден од најангажираните во регионот, но исто така е и еден од најплатените музичари.

Така на пример, за неговиот настап на општинската манифестација ,,Пастрмајлијада 2017” во Велес, тој добил хонорар од 49.884 евра, со платен данок. Сумата за медиумите ја соопшти поранешниот градоначалник Аце Коцевски, појаснувајќи дека Чолиќ гостувал во времето на неговиот претходник Славчо Чадиев, и според него тоа била огромна сума на пари за било чиј концерт.

Колкав ќе биде хонорарот на музичарот за концертот во Крива Паланка, нема информација, бидејќи според градоначалникот Сашко Митовски, се работело за деловна тајна.

-Обезбедено е спонзорство, а износот е деловна тајна.
Идејата да настапи Здравко Чолиќ ни трае повеќе години, во 2020 година поради пандемијата со Ковид-19 го откажавме, сега ќе гостува на јубилејното 10-то издание на ,,Џојфест”- вели градоначалникот.

На нашите прашања колкав буџет одобрила општината, а колку средства за културното лето се обезбедени од спонзори, не добивме одговор.

Инаку, „Кривопаланечко културно лето” 2023 го реализираат Општина Крива Паланка, Национална установа Центар за култура Крива Паланка, ЛУ Градски музеј Крива Паланка, во соработка со здруженија од областа на културата и уметноста од градот, со поддршка на Министерство за култура.

Од годишниот конкурс на Министерството за култура, за финансирање на проекти од национален интерес во културата, за ,,Џојфест” биле одвоени 153.000 денари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости