Причината поради која вечерва делови од Скопје се без напојување со електрична енергија се два 110-киловолтни далекуводи кои ги снабдуваат трафостаниците „Аеродром“ и „Исток“, а кои поради невремето се без напон, информираат од Електродистрибуција.
Оттаму потенцираат дека невремето што попладнево зафати делови од Скопје предизвикало сериозна штета на дистрибутивната мрежа.
„Денешното невреме во Скопје предизвика сериозна штета во дистрибутивната мрежа. Засилени екипи на Електродистрибуција се на терен. Во моментов два 110кв далекуводи кои ги снабдуваат трафостаниците ‘Аеродром’ и ‘Исток’ се без напон“, велат од Електродистрибуција.
Инаку, невремето што го зафати главниот град беше проследено со силен ветер, дожд, а наместа со град. Зад себе остави паднати дрвја, скршени гранки, паднати покриви, поплавени улици особено во делови од општините Аеродром и Гази Баба.
Попладнево делови од Аеродром, Ново Лисиче и населбите Лисиче и Горно Лисиче околу 20 минути беа без електрична енергија, а не работеа ниту семафорите на дел од крстосниците.
Кратко време откако беше нормализирано напојувањето со електрична енергија, снабдувањето повторно е во прекин во делови од Аеродром.