Политичката партија ДУИ, во 2013 година стекнала деловен простор во ТЦ „Мавровка“ со површина од 413 квадратни метри, но во 2020-2021 година, тој преминува во сопственост на тетовски бизнисмени поврзани со спортски обложувалници, кои го купиле просторот за 80 илјади евра, откако неколку години претходно го држеле под закуп за 500 евра месечно и го користеле како кол-центар, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Според податоците што ги обезбедивме, нови газди на овој имот станале браќата Емир Шефити и Илир Шефити, кои ја поседуваат компанијата „Банана Кицк“, основана во 2016, а лиценцирана во 2020 година, кога всушност друштвото го купува просторот на „интегративците“. Претходно, тие го реновирале дуќанот и го користеле како кираџии, но откако станале газди, решиле да го издадат на ИТ-компанија од Албанија.
Во центарот на ова истражување беше деловен простор со површина од 586 квадратни метри во „Мавровка“, кој преку имотен лист 45239 го поседуваат компанија и две физички лица. Всушност, според Катастарот на недвижности, 173 квадрати поседува фирмата, додека браќата Емир и Илир Шефити поседуваат 206, односно 207 квадрати, или вкупно 413 квадрати.
Историјатот на движење што го поседуваме открива дека ИЛ 45239 се оформува во 2002 година, кога имотот е регистриран на „Електрометал АД“. Во 2003 година преминува во сопственост на „Комерцијална банка“, додека во 2009 година во сопственост на „Ве-Ве Груп“. Во 2013 година, врз основа на договор за купопродажба заверен кај нотарот Џевад Бучи, кој е поранешен заменик-министер за полиција од ДУИ, истата ДУИ станува сопственик на просторот од 413 квадрати.
Така е се до 2021 година, кога врз основа на нов договор за купопродажба, овојпат заверен кај Иљхам Исмани претходната 2020 година, деловен простор на ДУИ од 413 квадрати е запишан во сопственост на браќата Шефити. Тие, според информациите што ги добивме од Мала Речица, претходно го користеле просторот под закуп, па решиле да го купат за сума од 80 илјади евра, што значи еден квадрат чинел околу 190 евра.
– Деловниот простор своевремено е купен од „Ве-Ве Груп“. Неодамна, со одлука на партиските тела, одлучивме да го продадеме деловниот простор. Го купија лицата што претходно неколку години го имаа под закуп и го користеа како кол-центар – ни изјави Бејтула Адеми, финансиски директор на ДУИ, додавајќи дека се е чисто и транспарентно.
На тој начин, нови сопственици на деловниот простор стануваат браќата Шефити, кои, според Централниот регистар, ја поседуваат компанијата „Банана Кицк“, основана во 2016 година за „дејности на коцкање и обложување“, чија основна главнина моментално изнесува 32 милиони денари. Оваа компанија добила тригодишна лиценца за приредување на игри на среќа во обложувалница во 2020 година, или истата година кога го купува имотот од ДУИ.
Инаку, „Банана Кицк“ има дури 56 подружници, од кои најмногу во Тетово, каде што е и седиштето на фирмата. Исто така, преку спортски обложувалници застапена е и во Струга, Гостивар, Куманово, Велес, Прилеп, Охрид, Крушево и неколку рурални средини. Во дел од нив, според јавно објавени информации, има и ВЛТ-апарати, кои ги поставува Државната видеолотарија, која пак е во заедничка сопственост на Државната лотарија и „Касинос Аустрија“.
Еден од сопствениците на „Банана Кицк“ – Емир Шефити, за „Фокус“ вели дека купопродажниот договор со ДУИ за деловниот простор во „Мавровка“ го склучиле кон крајот на 2020 година и тој изнесувал 80.000 евра. Како што вели, просторот претходно го користеле под кирија за нивни потреби и плаќале околу 500 евра месечно. Но сега, откако веќе го купиле, не го користат за себе, туку го издаваат под закуп на ИТ-компанија.
– Во просторијата сме биле под закуп некаде од 2015 година, со месечен надомест од 30.500 денари. Пред да го изнајмивме просторот беше во лоша состојба, за што се јави потреба целосно да се среди, од глетување до целосно нов плафон со вентилација и армстронг спуштен плафон, без никакво греење или било каков под. Од таа причина и киријата беше со релативно ниска цена поради фактот дека самите инвестиравме во просторијата да во истата има услов да се користи и работи – вели Шефити.
Тој додава дека во 2020 година од ДУИ ги известиле дека сакаат да го продадат просторот, па имајќи го во предвид фактот дека веќе имале вложено средства во целокупната адаптација за канцелариски услови заедно со инвентарот, одлучиле да го купат просторот за, како што вели, да ја заштитат нивната инвестиција.
– Со ДУИ немаме никаква релација, ниту пак имаме друг имот или било каква друга трансакција и донација. Имавме потреба од канцелариска просторија, и стапивме во контакт со г-дин Бејтула (Адеми), за просторијата која што ја имаа во трговскиот центар „Мавровка“ и така се договоривме за закуп, а потоа и за нејзино купување – тврди Шефити.
При увидот што го извршивме на терен забележавме дека на деловниот простор стои напис „Кип Ит Симпле“ (Keep IT Simple). Нашите проверки покажаа дека постои фирма со ваков назив за софтвер и ИТ-решенија, основана во 2019 година, а како нејзин сопственик се јавува албанскиот државјанин Арлинд Бруци. Таа има две подружници, од кои едната е лоцирана токму во „Мавровка“.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.