Депонија во Неготино нема да се гради. Изминатите денови заедно со советниците и администрацијата го слушнавме гласот на народот. Затоа ја испраќам пораката дека депонија во Општина Неготино нема да има. Ги отфрлам обвинувањата дека се вршело притисок врз граѓаните да не се потпишуваат на иницијативата за распишување на референдум, изјави денес градоначалникот на Неготино, Тони Делков.
Во своето видео обраќање, тој порача дека има разлика помеѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, потенцирајќи дека земјиштето планирано за депонија уште во време на претходната власт било дадено под закуп со цел да се користи како депонија.
До само пред две недели, пак, тој ги убедуваше граѓаните дека депонијата за индустриски инертен отпад е сосема безопасна по здравјето и животната средина.
Сепак, на страницата на здружението на граѓани Ековита му порачаа дека чекаат документ, црно на бело, дека е запрена постапката, бидејќи не му веруваат на зборовите.
В.К.