“Општина Неготино со одлука ја поништи постапката за продажба на градежно земјиште за изградба на депонија, а за ова има и официјален документ кој може да се провери на интернет страницата за градежно земјиште на е-урбанизам, тоа е системот на кој се води продажбата на градежно земјиште” – денес изјави за МИА градоначалникот Тони Делков.
Сепак, официјалниот документ не беше прикажан пред јавноста, со што сомнежите на народот околу целата постапка остануваат, дури и посилни од пред тоа.
Дел од граѓаните реагираа дека не можат да го најдат објавениот документ за кој градоначалникот изјави дека може да се провери на интернет и бараат да ја прочитаат одлуката со која е поништена постапката за продажба на земјиштето за депонија. Прашуваат дали содржината на одлуката е достапна само за правници и лица кои имаат високо познавање од компјутери, а не и за обичниот граѓанин, загрижен за своето и здравјето на идните генерации.
И ,,Фокус” се обиде да го најде документот, односно одлуката за поништување на постапката за продажба на земјиштето за изградба на депонија, но безуспешно. На официјалната интернет страница на општината, во делот за урбанизам, печатот на последното известување датира од 09.08.2019 година, и се однесува на барање на мислење, односно постапка за носење на планска документација за ДУП помеѓу улиците Партизанска и Даме Груев.
Во делот за животна средина пак, последната објава датира со печат од 25.12.2018 година, и се работи за мислење по финален извештај за стратегиска оцена на животната средина за изградба на депонија за индустриски инертен и неопасен отпад, каде Министерството за животна средина и просторно планирање нема забелешки и дава позитивно мислење по содржината и обемот на документот.
Одлуката за поништување на постапката за продажба на земјиштето за изградба на депонија, барем дел од екипата на ,,Фокус” не можеше да ја забележи.
Ако пак било кој од граѓаните се обиде да ја отвори официјалната страница www.e-urbanizam.mk, исто така нема да може да добие било каква информација, доколку нема корисничко име и лозинка, односно не е регистриран на страницата.
Со самото тоа, на обичните граѓани им се ускратува правото да добијат увид во документот, кој од непознати причини, градоначалникот не го објави јавно.
Од она што го изјави Делков, се наметнува дека граѓаните кои што не користат интернет, или пак немаат доволно познавање од компјутери, не можат да го видат документот кој ќе ги увери дека е донесена одлука со која депонија во градот нема да има.
И покрај неговото обраќање до јавноста, неготинчани продолжуваат со собирање потписи и бараат да се оди на референдум, каде без партиски обележја ќе се каже Не за депонија во Неготино засекогаш, без разлика кој е на власт.
До објавата на текстот беа собрани над 2.700 потписи од загрижените граѓани.
Вики Клинчарова