Единствено од Левица во Неготино ветиле потпишување на Зелен меморандум, со кој се обврзуваат дека во општината нема да се дозволи отворање и изградба на инвестиции од загадувачки карактер посебно со ознака Г1 –тешки загадувачки индустрии, кои се сомнителни и би се одразиле штетно на целокупната животна средина, а пред се имаат негативно влијание врз здравјето и животот на нашите сограѓани, информираат од здружението на граѓани Ековита.
Зелениот меморандум го подготви Ековита за градоначалничките кандидати и носители на советнички листи во општината, со цел сите кои претендираат за високи локални позиции во општината, да мораат да потврдат дека се грижат за иднината на младите и граѓаните на Неготино. Со негово потпишување ќе се обврзат дека ќе ја почитуваат Архуската конвенција, односно дека ќе ги информираат и консултираат своите сограѓани кога ќе носат одлуки од областа на животната средина.
-До сега на нашиот објавен повик до кандидатите на локалните избори интерес и согласност за потпишување на Зелениот договор со Ековита даде само Левица. Во следните денови ќе имаме средба со претставници од Левица од Неготино за да се финализира потпишувањето пред нотар за кое јавно ќе бидете известени и договорот јавно објавен. Повторно ги повикуваме граѓаните да ги поддржуваат само оние кандидати кои имаат зелена агенда и имаат решение за иднината на младите во Неготино. Бојкот и игнорирање на останатите кандидати кои не го поддржуваат зелениот договор!-порачаа од здружението.
Носител на советничката листа на Левица во Неготино е Леон Ристов. Набргу по нивното соопштение, и кандидатот за советник од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Александар Гичовски, се изјасни дека и самиот бил дел од иницијативата на Ековита против изградба на депонија која беше актуелна кон крајот на 2019 и почетокот на 2020 година, потсетувајќи дека локалната власт, и покрај собраните потписи на граѓаните, не дозволи одржување на Референдум. Токму тој игнорантски однос кон граѓаните бил еден од мотивите за негов влез на листата на советници на ВМРО ДПМНЕ.
-Не ми е важно кој почнал, а кој сака да заврши со изградбата на опасни депонии и слични загадувачи на територијата на Општина Неготино. Мене ми е најважно здравјето на моето дете, на моето семејство, како и здравјето на сите граѓани на Општина Неготино. Тоа е мојот мотив и за ова одлучно ќе се борам како иден советник во Советот на Општина Неготино-порача Гичовски.
Кандидатите за градоначалници, односно актуелниот градоначалник Тони Делков од редовите на СДСМ и д-р Горан Стојанов од редовите на ВМРО ДПМНЕ, се уште јавно се немаат огласено по повод темата Зелен меморандум.
Вики Клинчарова