Деливоријас на фестивал на грчки филм во Скопје: Имаме шанса да се запознаеме како културни ентитети

by Fokus

Во рамките на Фестивалот на грчки филм и култура концерт ќе одржи еден од најпознатите грчки музички бендови во последните години. Станува збор за бендот на Фоивос Деливоријас, кој ќе настапи на 25 октомври во клуб ресторанот МКЦ. Тие имаат специјален репертоар за оваа прилика и ќе свират филмска музика од познати грчки филмови.

Оваа мошне посебна колекција од репрезентативна грчка музика е всушност придонесот на грчкиот текстописец за грчкиот филмски фестивал и култура 2019 во Скопје.

Фокус: За прв пат доаѓате во Скопје. Како го доживувате доаѓањето во нашата земја?

-Со нетрпение го очекувам настапот. По сите тие години на политички превирања, имаме шанса да се запознаеме, како луѓе, како културни ентитети. Знам дека некои политичари – од мојата земја и од вашата земја, исто така, се потпираат на нашите разлики, од нашите причини да се конфронтираме. Јас, како и сите уметници, барам комуникација помеѓу многу различен вид на луѓе. Ми се допаѓаат конфронтациите, но на еден сосема друг начин: Сакам да ја доведам кај вас нашата убавина и да се соочам со вашата. Сакам да научам, да бидам под ваше влијание, додека сум јас. Тоа е мојот политички став, ако воопшто имам став.

Фокус: Кажете ни каков репертоар ќе и презентирате на публиката?

-Избрав 15 песни и инструменти што некако му покажуваат на човек кој не знае за грчката кинематографија и нејзината историја, нејзините опсесии, нејзиниот шарм. Песни од Хаџидакис и Теодоракис, од стари грчки популарни мјузикли, или песни од филмовите Ангелопулос и Лантимос.

Фокус: Кои се музичарите со кои ќе настапувате? Дали се знаете одамна? Како се оствари соработката помеѓу вас?

– Антонис Сусамоглу е врвен грчки виолинист. Тој е прва виолина во Државниот оркестар на Солун и карактеристичен аранжер и композитор. Соработувавме и во симфониски концерти и во саундтракот. Џорџ Кацанос е познат мулти-инструменталист во Грција, фигура налик на Том Вејтс. Тој е „onе-man“ бенд. Често ја делиме сцената, се нарекуваме себеси „Големиот бенд“! Нефели Фасули е инспиративен млад пејач, одличен уметнички партнер со кој соработуваме извесно време. Со својата изведба ќе придонесете за фестивалот на современиот грчки филм и култура.

Фокус: Како се чувствувате што сте дел од овој настан, прв од ваков вид институционално поддржан од вашата земја?

-Многу сум трогнат. Мислам дека ние уметниците треба да бидеме пионери во насока на подобро да се запознаеме едни со други. Со нетрпение очекувам да ги запознам и кинематографијата и музиката на Северна Македонија.

С.Т.

Поврзани новости