Делегација на Владата оддаде почит и положи цвеќе на гробот на Никола Карев

by Fokus

Со почит и поклон пред вечното почивалиште на претседателот на Крушевската Република Никола Карев во Македониумот на Гумење во Крушево почна денешното одбележување на големиот Илинден и на 119-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република.

Пред гробот на Карев цвеќиња и венци положи делегација на Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во која беа и заменик-претседателката на Владата Славица Грковска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Пред гробот на Карев се поклонија потомците во семејството Кареви, а почит оддадоа и делегација на Собранието предводена од потпретседателот Горан Мисовски, делегација од кај претседателот на Република Северна Македонија, делегација на Армијата, предводена од генерал-мајор Азим Нуредин, заменик-началник на Генералштабот, од градот Крушево, од манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, претставници од дипломатскиот кор, институции, здруженија и политички партии.

Почит им беше оддадена на загинатите Илинденци пред споменикот во месноста Слива, а панихида за загинатите востаници се одржува во црквата „Св. Никола“ во центарот на Крушево.

Централното одбележување на Илинден е напладне на Мечки Камин каде ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски.

Поврзани новости