Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски најави дека во неговиот град ќе се одржи спектакуларен концерт на музичката ѕвезда Данијела Мартиновиќ.
Тој ја сподели видео пораката од Мартиновиќ, со која пејачката ги кани Македонците на концерт.
-Драга моја Македонијо, доаѓам повторно, и тоа така набргу, што многу ме радува. Се гледаме на деветти август во Делчево, дојдете ми сите – порача Данијела, која беше една од музичките гостинки и во Прилеп, на манифестацијата Пивофест, пред само десеттина дена.
Мартиновиќ доаѓа во Делчево во склоп на манифестацијата „Делчевско лето 2019“. Нејзиниот концерт ќе започне во 21 часот, на 9-ти август, на летната сцена. Свои настапи ќе имаат и Дикато Бенд, Троја Бенд и The Jokers.
-Организираме спектакуларни концерти во Делчево во рамки на манифестацијата „Делчевско лето 2019“, со што ќе му дадеме нов имиџ на градот. Ќе настапат Дикато Бенд, Троја Бенд, The Jokers, но посебно изненадување приредуваме со специјалниот гостин на вечерта, балканската ѕвезда Данијела Мартиновиќ, чии хитови ги пејат и млади и повозрасни генерации. Сето ова најавува вечер за паметење во градот – информираше Трајковски.
Порача делчевци да се претстават во најдобро светло и да бидат добри домаќини, бидејќи се очекувале илјадници гости од целата земја. Вечерта пред настапот на Данијела во Делчево ќе се одржат Голачки фолклорни средби.
Вики Клинчарова