Зад затворени врати, веќе неколку денови универзитетите преговараат дали треба да се прифати државниот испит или не. Дел од нив веќе се изјасниле за ова прашање, а дел се уште планираат да седнат на преговарачка маса.
Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ засега нема намера да го прифати државниот испит, сметајќи дека државата не смее да се меша во текот на студирањето на идните академски граѓани. Повеќето од професорите се изјасниле против студентите да полагаат државен испит.
– Генерално, постои негативен став, тоа е неприфатливо. Конечен став ќе се донесе в понеделник. Постојат сугестии од професорите да се подигне на повисоко ниво дипломскиот испит. Но државата не смее да се меша во текот на студирањето – вели Кире Барбареев од Штипскиот универзитет.
Исто така, пред неколку денови, за време на студентскиот протест, факултетската управа на Правниот факултет првично го отфрли концептот за државен испит како противуставен. Дел од професорите сметале дека оваа проверка е во спротивност со концептот на високо образование и претставува „несоодветен обид за нивелирање на квалитетот преку унифицирана проверка“.
Според неофицијални информации на „Фокус,“ вчера и Стоматолошкиот факултет првично го отфрлил овој концепт на испитување на студентите.