Дел од пациентите кои лежеле во модуларната тетовска болница која изгоре синоќа речиси до темел имале домашна придружба односно со нив во болницата седеле нивни блиски бидејќи немало доволно медицински кадар.
Ова произлегува од сведочењата што ги пренесуваат медиумите, конкретно на млада девојка која успеала да го спаси својот татко. Телма пренесува дека девојката успеала да искрши прозорец, и да го извлече татка си, се вратила по двајцата други пациенти кои лежеле со него во собата, но немале придружба. Едниот од нив не можела да го разбуди, а бидејќи почнала да го голта чадот, морала и таа брзо да се повлече. Луѓето останале да лежат, и изгореле.
Раководителот на ковид – центарот Гзим Нуредини од синоќа откако избувна пожарот не е достапен за медиумите. Претседателот Стево Пендаровски кој е единствениот од државниот врв кој излезе во јавноста рече дека според неговите информации имало граѓани кои помагале во извлекувањето на телата, но за одговори што барале пациентите со придуржба во болницата упати на одговор кај директорот на тетовската болница.
Според него, во моментот кога избувнал пожарот имало 26 пациенти кои лежеле во болницата, четири или пет медицински лица. Сепак 14-те починати се уште не се идентификувани за да се знае дали сите биле пациенти.