Според првичните информации од Државниот пазарен инспекторат, дел од маркетите во земјава ги немаат зголемено цените на производите, а дел ги имаат, откако од денеска повеќе не важи одлуката на Владата за „гарантирани цени“ на дел од прехранбените производи.
Од Инспекторатот велат дека е можно извесно зголемување на цените, но апелираат на општествена одговорност на трговците на големо и трговците на мало.
– Она што исто така го имам како информација е дека снабдувачите на големо веќе ги преправаат цените до трговците на мало со тоа што се очекува да се покачат цените, но повикувам на општествена одговорност од страна на трговците на мало и на трговците на големо со цел доколку има простор и можност цените да ги остават на истото ниво, изјави денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат – Горан Трајковски.
Тој вели дека не можат да влијаат на цените, но верува дека дел од големите ланци на маркети ќе прават акции со кои ќе има намалувања на одредени прехранбени производи.
– Од тоа што го видов во изминатиот период дека неколку големи трговци на маркети како општествено одговорни дадоа дополнителни намалувања на дополнителни прехранбени производи коишто не беа опфатени со одлуката на Владата, верувам дека тоа ќе се случи и сега, а граѓаните ќе одлучат во кој од нив ќе пазарат, бидејќи не можеме да спречиме доколку цената на лебот од 29 денари порасне на 35 денари – рече Трајковски.