Дел од имотот на Мијалков под хипотека – дали државата ќе успее да го конфискува?

by fokus

Два месеца откако поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков се спогоди со Обвинителството за случајот „Империја“, Агенцијата за управување со одземен имот ги префрлила парите што Мијалков требаше да ги плати како дел од спогодбата.

Според пресудата до која дојде „Фокус“, Агенцијата најверојатно наплатила околу 5,5 милиони евра, а пренела и дел од хартиите од вредност во корист на државата.

– Донесе решение за промена на сопственост на хартии од вредност во корист на Република Северна Македонија од страна на Централниот депозитар на поголемиот дел од акциите е пренесена сопственоста на акциите, а додека на еден дел од нив е пренесено ограничување воспоставено на ден 05.04.2022 година врз основа на налог за забрана за располагање и оптоварување.

 

– Донесе Решенија за пренос на правото на сопственост во корист на Република Северна Македонија на недвижниот имот со кое ја задолжува Агенцијата за катастар на недвижности да изврши промена на сопственоста на недвижниот имот определен во пресудата на име на РСМ – Агенција за управување со одземен имот, велат од Агенцијата за „Фокус“.

Но, од увидот којшто го извршиле, во имотните листови на Мијалков констатирале дека на дел од недвижностите е запишан товар-хипотека.

Агенцијата за управување со одземен имот се обрати до нотарите и извршителите кај кои се водела постапката со цел да ги достават до Агенцијата извршните наслови врз основа на кои е запишана хипотеката. Се чека одговор.

За недвижностите над кои не е запишана хипотека Агенцијата поднесе барање за процена до Бирото за судски вештачења. Се чека процена, додаваат од Агенцијата.

Од Агенцијата сепак не прецизираат колку од недвижностите и кој имот на Мијалков е под хипотека. Имотот се проценуваше на околу 30-тина милиони евра, но сепак кога ќе заврши конфискацијата ќе се знае колку имот од Мијалков ќе впаричи државата.

Според пресудата, на Мијалков треба да му се конфискуваат 26 локали од хотелски деловен простор, акции од Стопанска банка, неизградено земјиште и шума на Водно, земјиште на Кожуф, два стана во Охрид, апартмани во Панорама Резиденс, градежно изградено земјиште и апартмани во Центар, односно 25 апартмани, плус помошни простории и плацеви на Водно и друго.

Хипотеката на дел од имотот на Мијалков беше спорна уште кога тој понуди гаранција од 11 милиони евра за да излезе од притвор, со оглед на тоа што дел од имотот беше под хипотека во Комерцијална банка.

Тогаш, од Комерицијална банка за „Фокус“ изјавија дека банката се согласила заложното право на дел од имотот што го понудил Мијалков како гаранција, за да излезе од притвор, да го има првенствено државата.

Уште кога се нудеше гаранцијата државниот обвинител, Љубомир Јовески изјави дека понудениот имот на Мијалков не може брзо да се претвори во пари.

Обвинителството даваше негативни предлози за гаранцијата, затоа што процени дека нема увид во имотната состојба на обвинетиот и второ имотот којшто се нуди за гаранција се состои во недвижни предмети кои се нудат по исклучок, инаку гаранцијата по правило се полага во готови пари од една страна, од друга страна понудениот имот нема доволен квалитет за да може брзо да се впаричи, велеше Јовески.

Сега од Обвинителството велат дека надлежноста за конфискацијата на имотот ја има Агенцијата за управување со одземен имот. Мијалков се спогоди со Обвинителството и призна дека заедно со уште 12 други осомничени преку фирми основани во Македонија но и оф-шор компании во странство незаконски се богател, а стекнатите приходи не ги пријавувал во ДКСК, иако за цело време додека траела истрагата за овој случај Мијалков беше директор на УБК.

Фросина Факова Серафиновиќ

Поврзани новости