Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски и Борис Дамовски, кои беа амнестирани за случајот „27 април“, синоќа на социјалната мрежа фејсбук објавија заедничка фотографија со Игор Дурловски, во знак на поддршка, бидејќи Дурловски денеска ќе ја слушне пресудата.
Оперскиот пејач денеска во 12 часот во Кривичниот суд ќе дознае дали е прогласен за виновен или ќе биде ослободен од вина за насилниот упад во Собранието, бидејќи тој не побара амнестија, па затоа продолжи да му се суди.
Неговите амнестирани другари ја објавија фотографијата и напишаа: „Браќа до крај. Браќа за цел живот“.
Покрај Дурловски, на обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.