Декретот на Бајден, може да ја лиши земјава од најголемата опозициска партија, вели Малески

by Fokus

Теоретски гледано, декретот на американскиот претседател Џо Бајден би можел да ја испразни македонската политичка сцена, па дури и да ја лиши земјата од најголемата опозициска партија, оценува универзитетскиот професор и прв министер за надворешни работи Денко Малески, по најновата извршна наредба  со која се предвидуваат санкции и за непочитување на Преспанскиот договор, покрај Рамковниот договор.

-Индивидуи и организации, кои работат против овие два договори, можат да бидат санкционирани со забрана за влез во САД и со замрзнување на нивниот имот таму. Такви поединци, разбирливо, не можат да ја водат државата. „Ова е притисок врз Македонија“, велат нашите националисти. „Ние само ја изразуваме волјата на мнозинството Македонци“. Точно. Но, притисок е второто име на меѓународната политика, како и улогата на моќта во неа: да натераш некого да стори нешто што не би го сторил без принуда, вели Малески во интервју за „Дојче веле“.

Тој оценува дека грчката десница се опамети и го прифаќа она што потпишала претходната влада. Наспроти тоа, како што вели, македонската десница, секојдневно, демонстрира дека не ја научила оваа лекција и и пркоси на големата сила која го пацифизира експлозивното балканско подрачје на Европа и ја стабилизира Северна Македонија.

-Бидејќи македонските националисти во континуитет не ја разбираат меѓународната политика, ризикуваат повторно да завршат како што заврши нивниот претходен лидер Никола Груевски заради истото незнаење. Со декретот, претседателот Бајден порача дека неговата држава не се повлекува од договори врз кои ставила потпис и дека очекува исто поведение од другите потписници, вели Малески.

Поврзани новости