Декретот на Бајден е американска „казна“ за некои од актуелните политичари, вели Ристевска-Јорданова

by fokus

Целта на документот на американскиот претседател Џозеф Бајден е да овозможи американска „казна“ за некои од актуелните политичари, во целиот Западен Балкан, но тоа ги вклучува и нашите политичари. Кој и кога ќе се најде на „црната листа“- ќе видиме, толкува Малинка Ристевска – Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ) во изјава за „Фокус“.

Според неа најавите на Бајден за санкции за лица кои го загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западниот Балкан и ги поткопува демократските процеси и институции во регионот, но и на оние кои се против Преспанскиот и Охридскиот договор, треба да се гледа во поширока смисла.

САД одамна стојат зад Охридскиот рамковен договор, вели Ристевска-Јорданова, но со наредбата недвосмислено застануваат и зад Преспанскиот договор. -Ваквата цврста одбрана на Преспанскиот договор е јасна порака до бугарските политичари, вели аналитичарката.

Американскиот претседател Џозеф Бајден потпиша Извршна наредба со која се проширува опсегот на вонредни мерки во врска со регионот на Западен Балкан, која опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка.

Со Наредбата се предвидува санкционирање на кое било лице за кое Министерството за финансии на САД, во консултација со Стејт департментот, ќе утврди дека е „одговорно или соучесник, директно или индиректно вклучено во активности или политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста“ или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западниот Балкан и ги поткопува демократските процеси и институции во регионот“.

– Станува збор за лица кои, се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во активност што го попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на ОН, Дејтонскиот договор, заклучоците на Совет за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година, вклучувајќи ги и одлуките или заклучоците на високиот претставник, Советот за спроведување на мирот или неговиот управен одбор, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија или во однос на поранешна Југославија, Меѓународниот механизам за кривични трибунали, се неведува меѓу другото во наредбата.

Со казнените мерки би биле опфатени и лица кои се одговорни за „сериозни повреди на човековите права“ и вклучени во корупција во регионот, вклучително и проневера на јавни средства, отуѓување на приватен имот за лична корист или за политички цели и мито “.

Ф.Ф.С.

Фото: МИА

Поврзани новости