Деконтаминасизација

by fokus

Зборот деконтаминасизација има врска и потекнува од познатиот грчки магнат Кондоминас, кој во Македонија, освен што беше спомнуван во неколкуте од најголемите купувачки походи на земјиште, фирми, медиуми и луѓе, стана интересен и од фактот дека неколку од неговите пулени биле многу години во значајни политички функции по партиите и во државата. Ни земјата, ни граѓаните нема да станат побогати ако го нема Сорос во земјата, но сигурно ќе се офајдат ако се смени нешто во купените работи од Кондоминас; луѓе или имоти, сеедно. Преку американските судови или домашни, сеедно.

Пишува
Рамадан РАМАДАНИ

За да не изгледа насловот само чудно наредени букви и за да нема мачење за правилен изговор на неправилен збор, веројатно треба уште на почетокот истиот овој збор и наслов да се објасни. Деконтаминасизација се однесува на постизборниот период во земјата и е општ израз за многу политики и решенија што ќе се применуваат по вонредните избори во Македонија, на кои конечно беше победен режимот.

Очекувано е дека ќе има голем број закони, мерки и практики што ќе бидат спроведени од идната влада во земјата, со цел државата и граѓаните да се унапредат и да се ослободат од јаремот во кој беа минатите години. Авторот на овие редови не е ни во позиција, ни со капацитет да мудрува околу сето тоа што треба да се направи и може само да понуди еден ваков збор, кој опишува многу од тие идни неопходни мерки.

ДЕСОРОИЗАЦИЈА КОНТРА ДЕГРУЕВИЗАЦИЈА

Секако дека зборот има врска и потекнува од познатиот грчки магнат Кондоминас, кој во Македонија, освен што беше спомнуван во неколкуте најголеми купувачки походи на земјиште, фирми, медиуми и луѓе, стана интересен и од фактот дека неколку од неговите пулени биле многу години во значајни политички функции по партиите и во државата.

Со право може да се мисли дека деконтаминасизацијата е инспирирана од спомнување на десороизацијата, која за првпат беше спомната од страна на еден партиски лидер пред ДИК. Најверојатно концептот за десороизација, пак, е наведен за парирање на стратегијата за дегруевизам, која на неколку наврати е спомнат токму од невладиниот сектор, како начин Македонија да заздрави од некои будалштини, кои може да ги наследила во десетгодишниот период на окупација.

Сепак, ценам дека од сите овие концепти и зборови што почнуваат со ДЕ, најпогоден и адекватен за постизборна Македонија е токму пречистувањето на земјата од влијанија на Кондоминас и нему слични. Тоа е клучно за сувереноста и збогатувањето на земјата и граѓаните. Нешто што никако не е случај ако го извадиме Сорос или ако спроведеме дегруевизација. Ни земјата, ни граѓаните нема да станат побогати ако го нема Сорос во земјата, но сигурно ќе се офајдат ако се смени нешто во купените работи од Кондоминас, луѓе или имоти, сеедно. Преку американските судови или домашни, сеедно.

АКЦИЈА ЗА ПРОЧИСТУВАЊЕ

Истото се однесува и на концептот за дегруевизација, кој во овој случај е излишен зашто не може да има концепт изграден од пулени на Кондоминас. Тоа не се суверени концепти за да се спроведе автентичен концепт за пречистување. Имено, ако се спроведе акција за прочистување на влијанијата од патронот, секако дека влијанијата од мерките спроведени од некој негов пулен автоматски ќе бидат елиминирани.

Уште повеќе, овој погрешно напишан збор се совпаѓа со многу од тоа што треба да направи во земјата новата влада зошто е многу блиску до деконтаминација. Збор кој сите знаеме дека означува: Отстранување или неутрализирање отровни материи од земјата, предметите и слично.

А Македонија, и тоа како има потреба од нејзе да се отстранат загадувањето, осиромашувањето и стравот, кои во најголема мера се последици на шурувањето на политиката со слични на Кондоминас. Во Македонија има дистрибутери на електрична енергија, индустриски загадувачи и телекомуникациски мрежи и медиуми, кои затоа што ни ги купуваат некои луѓе, нѐ убиваат и нѐ осиромашуваат нас другите.

Тоа треба да престане. И тоа е во нашите раце како што се покажа со гласањето за промени и против пулените на Кондоминас. А основата на суверенитетот на една земја потекнува од граѓаните, кои, ете, ќе најдат начини да ја потврдат својата сувереност и преку избори. Па, така, само малку повеќе од пола милион гласачи најдоа начин како да ги победат сите тие милиони пари од фирми, медиуми и Кондоминаси за да ја вратат својата слобода и живот. А набргу по деконтаминасизацијата ќе се врати и надежта.

Поврзани новости