Декларација за Југославија: Големите сили одново повикуваат на мир

by Фокус

Додека чекавме во фоајето со претседателот Глигоров, средбата ја напушташе Туѓман со својот соработник Марио Нобило. Алудирајќи на полагање на факултет, Туѓман со смеење ни порача дека испитните прашања не се тешки. Дека работите не стојат токму така говореше неговото жар зацрвенето лице, а уште повеќе реалноста во која тогаш се наоѓаше Хрватска.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

На 14 октомври 1991 година, во предвечерјето на пленарниот состанок на Конференцијата за Југославија, на која беа поканети претседателите на републиките, се направи обид да се спаси конференцијата преку заедничка декларација на Европската заедница, на САД и на СССР.

Во декларацијата во која се изразува „длабока загриженост заради продолжувањето на насилството и крвопролевањето во Југославија“, се констатира дека „ниту еден од договорите за прекин на огнот за кои е постигната согласност во изминативе три месеци, не се применува целосно“.

Воедно се изразува „убеденост дека договорите за прекин на огнот се единствениот пат што ќе нѐ доведе до мирно и праведно решение“.

Ги повикуваме претседателите на републиките што ќе учествуваат на петочниот пленарен состанок на конференцијата за Југославија, да ја реафирмираат својата посветеност на мировниот процес и апсолутно да се придржуваат кон тоа на што се обврзале.

Повикувајќи на прекин на непријателствата и на почитување на договорите за прекин на огнот, мотивирани сме од грижата за судбината на народите на Југославија, за правата на сите етнички малцинства, за иднината на регионот на Балканот и на Европа во целина.

ДЕКЛАРАЦИЈА

Ожалостени сме од ужасното насилство и губењето животи што се случија и од можноста за уште пострашни страдања доколку конфликтот не се реши.

Особено нѐ вознемируваат извештаите за продолжување на нападите врз цивилни цели од делови на федералните вооружени сили, како и од српски и хрватски ирегуларни сили.

Продолжувањето на воените активности во Хрватска се заканува да ја прошири воената конфронтација на другите региони на Југославија…“, се вели, меѓу другото, во декларацијата на големите сили.

Мировниот план беше дефинитивно вообличен. На пленарна седница, на 18.10.1991 година, текстот даден на разгледување на републиките, требаше да им биде презентиран на потпис на претседателите на републиките и на членовите на Претседателството на СФРЈ, седнати на заедничка маса во дворецот во Брисел. Секретаријатот на конференцијата, на чело со Карингтон, трескавично настојуваше, во последен момент, да произведе мир.

Претседателите, во придружба на министрите за надворешни работи, во претходно закажани термини, влегуваа како на лента во кабинетот на лорд Карингтон заради последни консултации.

СЕ ЦЕНЕА СЕЧИИ ПОСТАПКИ

Додека чекавме во фоајето со претседателот Глигоров, средбата ја напушташе Туѓман со својот соработник Марио Нобило.

Алудирајќи на полагање на факултет, Туѓман со смеење ни порача дека испитните прашања не се тешки.

Дека работите не стојат токму така, говореше неговото жар зацрвенето лице, а уште повеќе реалноста во која тогаш се наоѓаше Хрватска.

Што се однесува на Македонија, за нас немаше тешки прашања, зашто финалниот план на Карингтон, во буквална смисла на зборот, беше еден вид европско-македонска копродукција, наспроти словенечките, српските и хрватските идеи.

Но, сега дојде моментот на вистината. Под будното око на Европската заедница и на САД, главните спонзори на идната независност на републиките, се ценеа сечии постапки пооделно.

Кој ќе биде конструктивен, а кој деструктивен. Кој ќе го потпише мировниот план, а кој ќе одбие да го стори тоа. Набргу и тоа ќе се покаже.

(Продолжува)

Поврзани новости